Опел има долга традиција на македонскиот пазар и како марка, и како производител на еден модел што со децении оставаше главен печат, а тоа е лимузинската изведба на Астра. Местото што некогаш ѝ припаѓаше на оваа лимузина, денес го пополнува Фронтера. Тест на моделот со благ хибриден погон и ниво на опременост ГС.
Производителите во изминативе неколку години ги заборавија достапните автомобили со голема противвредност, каде што повеќе добива купувачот, отколку производителот. Можеби е оправдување тоа што целиот автомобилски пазар се скуси по пандемијата, а со тоа и заработката, па за да се одржи производството, компаниите притиснаа за повеќе да се продаваат поголемите и поскапи модели. Тоа се пазарните правилности, во секоја бранша.
По пандемијата, следеше кусок од микрочипови, па следно беше прекинување на патиштата на снабдување со суровини. Едно време, Европа остана без возачи на камиони, откако украинските возачи се префрлија на нови, бранителски позиции. Тешки времиња, историјата уште долго ќе ги спомнува.
Сега доаѓаат докази дека автомобилскиот свет се враќа во нормала. Опел Фронтера е токму автомобилот од класата, и уште поважно, со противвредноста, што долго им недостигаше на купувачите. Мошне е извесно дека Опел со Фронтера доби уште еден пазарен борец за највисоките места на македонскиот пазар.
А, што е толку посебно во оваа Фронтера, што дури и не е вистински теренец, каква што беше првата, а по неа и втората генерација на славниот Опел со ова име? Токму противвредноста. Нашиот народ сака да го купи тоа за што добива најмногу за парите. Со децении, на македонскиот, па и пошироко на балканскиот и целиот источноевропски пазар, народот избираше лимузини од компакт класата. Не комбилимузини, и покрај тоа што тие се попрактични со големата врата на багажникот, и полесни се за снаоѓање во градски метеж, туку лимузини, долги и со голем багажник. Големината на багажникот уште е првото што намерници во салон за нови автомобили ги прашуваат салонските советници.
Токму Опел е марката што беше најголемите, кога се работи за лимузина од компакт класата, уште од времето на првата Астра од 1992 година. Во четири генерации, Опел нудеше лимузинска Астра, до генерацијата Ј што се произведуваше до 2018 година.
Нема „но“ кај Опел Фронтера, сé е погодено
Корса отсекогаш била и ќе биде сигурен избор, меѓутоа е чисто модел од градската класа. Од друга страна, Кросленд (2017 до 2024) не успеа најдобро да им се спротивстави на Каптур или Т-Крос. Понатаму, несомнено е дека Мока претставува стилски врв во понудата на германската марка, но пак остануваат малечкиот багажник и просечната просторност назад.
Кај Опел Фронтера, нема „но“. Сé е погодено. Б-СУВ се втор најпродаван сегмент на европскиот пазар, по Ц-СУВ моделите. Одговара и големината, дури и во најчувствителните подрачја, во багажникот и во просторноста на задната клупа. Дури некој и да се посомнева кога ќе го отвори багажникот, неоспорно е дека тука стојат на располагање 460 литри. Со соборена клупа, тоа е цел метар кубен и уште 600 литри.
Ако Опел направи анкета во салон, веројатно 99% од купувачите ќе потврдат дека просторноста на задната клупа била клучна за изборот
Многумина се наоѓааат изненадени кога ќе ги отворат задните врати. Од една страна, вратите се широки и се седнува како во луксузна лимузина, а не заостанува и просторот за нозе. Постои причина за овој луксуз. Опел ја изработува Фронтера и во изведба со 7 седишта, значи со трет ред назад. Поради тоа, вратите се широки, за да се добие екстра ширина за пристап најназад. Кај таа изведба, и средната клупа е вградена околу пет сантиметри понапред.
Единствено „но“, е тоа што трет ред седишта чини доплата од 830 евра, но тоа е опција што е достапна само во повисокото ниво на опременост ГС. Затоа, не се само 830 евра, туку мора да се земе предвид и разликата од 2.620 евра, со стандардното ниво на опременост Едишн.
Тестираната изведба е вообичаено во изведбата ГС, затоа што Опел сака светот да ја види Фронтера во најдоброто можно светло. Меѓутоа, пазарот, вклучувајќи ги западноевропските, ја сака и „основната“ изведба. Основна во наводници, затоа што опременоста на денешниве модели е далеку од основна. Посебно се бара изведба со бели челични тркала, без раткапни, без какви било зафати, обични бели, со едноставни дупки, како во 1980-те. Тоа е добар погодок на менаџерите, затоа што за белите тркала треба да се доплати пакет вреден 420 евра, заедно со покрив во бела боја (со каросерија во портокалова, црна или зелена металик боја) и кровни носачи.
За погонот може да се избира меѓу три изведби: Со благ хибриден погон со системски 110 КС и посилна изведба со 145 КС, како и целосно електрична изведба. Кај последнава, може да се избира меѓу подостапна изведба со досег до 305 километри, и варијанта со поголема батерија и досег до 406 километри. Електричната изведба е дополнително привлечна поради тоа што со цената од 28.160 евра е меѓу најдостапните модели со погот на струја на македонскиот пазар, со сета функционалност и удобност на хибридната Фронтера.
Потрошувачката на Опел Фронтера Хибрид 145 на стандардната тест-рута на Аутомедиа МК
Разликата во цената меѓу хибридите со 110 и 145 КС е 920 евра. Динамиката се разликува за 14 километри на час, односно 2 секунди подолго трае забрзувањето до темпо сто. Погонската спрега во двата случаи се состои од нова генерација на 1,2-литарскиот трицилиндарец (со „ланче“) и шестстепен автоматски менувач со двојна спојка, во којшто е вграден електромоторот со моќност од 28 КС и вртежен момент од 51 њутнметри.
Какви беа искуствата и забелешките за тестот на Опел Фронтера Хибрид 145 ГС, најобемно прикажуваме во видеото што Аутомедиа го објавува за секој модел на тест, на нашиот профил на Јутјуб (линк за следење на видео-каналот на Аутомедиа МК.
Стандардна опременост во изведбата ГС, повеќе од нивото Едишн:
- Тркала од 17 инчи од лесен метал, сребрено-црна комбинација, обработени машински
- Сјајно црни ретровизори и трепкачи
- Стилизиран изглед на заштита на подвозје напред и назад
- Внатрешни рачки на врати во сребрена боја
- Надворешни рачки во сјајна црна боја
- Седишта обложени во црна-сива боја, посебно во стилот на ГС
- Црн покрив
- Лого на Опел напред и назад во црна боја
- Мултимедиски екран од 10 инчи и дигитални инструменти од 10 инчи
- Безжична врска со телефон
- Интели ЛЕД светла
- ЛЕД задни светла
- Паркинг сензори напред и назад со камера во 130 степени
- Грејачи во ретровизори
- Под на багажникот на две висини
- Затемнети задни стакла
- Самостојно затемнување на внатрешен ретровизор
- Автоматски клима уред
- Волан обложен со еко-кожа
- Потпирач за лакти напред, со преграда
- Огледала во двата штитници за сонце напред
- Предупредување за возило во мртов агол
- Безчижен полнач
- 6 звучници
- 4 приклучоци УСБ-Ц
Цена на тестиран модел · Опел Фронтера Хибрид 145 ГС
- Редовна цена 26.040 евра
- Цена со попуст 24.700 евра (-1.340 евра)
- Цени на дополнителни ставки: Боја портокалова (0 евра), кит за поправка на гума (0 евра)
- Цена на акциски модел 21.000 евра, за изведбата Фронтера Хибрид 110 Едишн
Гаранции
- За возило, 5 години или 80.000 километри, со меѓународно важечка 24-часовна помош на пат
- За лак, 3 години
- За заштита од корозија , 12 години
Технички податоци
Достапни опции за изведбата Фронтера ГС
- Пакет Тек Про, 1.000 евра: Се состои од надолжни кровни носачи; LED предни светла за магла; Зимски пакет (Греење на предни седишта; Греење на волан; Греење на
предно ветробранско стакло) - Бела боја (240 евра), металик бои (420 евра, за портокаловата не се доплаќа)
- Трет ред седишта 830 евра
- Тркала со гуми за сите сезони 290 евра
















