Донгфенг знае да игра и премиум, првиот модел на марката Воја е во салон

Донгфенг уште есеноска најави дека меѓу бројните новитети што престојат годинава ќе биде и вклучувањето на премиум марката Воја. Како изгледа кинескиот премиум?

Првиот модел на Воја што доживува премиера на македонскиот пазар е кросоверот Кариџ. Моделот беше штотуку изложен во салон попладнево  и уште не се објавени цените, техничките податоци и опременоста, но и тоа што може да се забележи при прва средба е впечатливо.

Добредојде за уште една марка на кинескиот производител Донгфенг на македонскиот пазар, овојпат премиум марка, покрај добро познатите Фортинг, ДФСК и Еолус.

Првиот модел на Воја во салонот на АБЦ Брадер е Кариџ, од англискиот збор за храброст. Тоа е каросериски концепт што балансира меѓу масивен СУВ и динамичен кросовер. Кариџ остава впечаток со играта на светлата, коишто уверуваат дека во ова возило е впрегнато многу технологија. Сé што свети во автомобилов е ЛЕД, вклучувајќи и ОЛЕД-технологија во задните светла, поради што свети цела површина, како да е лакирана. Технологија од скапите домашни телевизори, тука работи како светло.

Уште една посебност се диодните светилки во маската, слично како ѕвездената шема кај електрчните модели на Мерцедес-Бенц. Надворешниот изглед не остава многу сомнежи дека се работи за отмен автомобил.

Во истото уверува и внатрешноста, којашто е изработена во светли бои, со материјали што оддаваат квалитет. Секоја површина е обложена со светол материјал, што е сличен на кожа, меѓутоа светот одамна научи дека денешната вештачка кожа е подобар избор од обичната кожа, посебно кога се вградува во премиум автомобил. Панорамски покрив и врати без рамки на прозорците придонесуваат за светлата и пријатна атмосфера.

Премиум како по книга

Секаков обид да се наброи опременоста на Воја Кариџ ќе биде сличен со докторска дисертација. Затоа, наједноставно: Во Кариџ единствено нема базен, барем според првите впечатоци.

Понатаму може да се открие податок дека зад системите за асистенција и сите функции во Кариџ стои гигантот во светот на потрошувачката електроника Хуавеј. Оваа кола располага со систем Чианкун од Хуавеј и со оперативен систем Хармони. Исто како што компјутерот дома работи на Виндоус, така и Кариџ има сопствен оперативен систем – исто како БМВ или Мерцедес, патем.

Премиумот во Воја Кариџ е во технологиите, не во светкавите материјали и копчињата

Човек ќе заклучи дека Воја Кариџ е достојна за премиум, со изработката, материјалите, но со тоа уште не е ниту начнат премиумот во овој автомобил. Место во голема маска со лого на него што ја качува цената, премиумот тука е во технологијата. Поточно, во технологиите. Можеби некој ќе се одушеви од лизгањето на дисплејот од средина до пред совозачкото седиште, што секако се движи на струја, и ќе поверува дека тоа е доволен технолошки напредок, но се работи за многу посуштински нешта.

Батеријата е со луксузна големина и нуди досег до 901 километри. Тоа важи за врвните моделски изведби во Кина, каде што производителот се рекламира со слоганот „Полни еднаш, користи цел месец“. Податокот за досегот е амбициозен и важи според ЦЛТЦ-нормата, но и со 15-те до 25-те проценти со коишто светската норма ВЛТП е поблуску до реалноста, тоа пак се 720 до 780 километри. Фолксваген ИД.7, односно „електричниот Пасат“, со толкав досег убеди преку 75.000 купувачи во 2025 година во Европа.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Во Европа доаѓа моделска изведба со батерија од 80 киловатчасови, што е доволно за досег до 470, односно 440 километри. Првата вредност е за моделот со заден погон, втората за моделот со погон на сите тркала. Салонскиот примерок е токму во втората варијанта.

Главната предност во технологијата е мрежата за полнење што работи под напон од 800 волти – и тоа пак важи за врвните изведби за Кина. Тоа го покажува вистинскиот сооднос на силите во автомобилскиот свет денес. Европа е таа што уште не е дорасната за врвните изведби на кинеските автомобили – со напомена, електрични.

Тоа значи дека при достапност на доволно брз полнач (400 киловати и над), батеријата ќе се наполни од 20 до 80 проценти за 10 минути. Овој вид полначи обично се поставува долж регионалните патни жили ширум Европа и овозможува патување на долги растојанија што не се разликува од возење со класичен погон.

Вистинската разлика ја прави активнодо подвозје. Возењето по нерамен пат се чувствува како тоа да е најдобриот пат во светот. Постојат бројни видеа по друштвените мрежи што сведочат дека Кинезите навистина владејат со таа технологија, и не треба да има сомнежи дека и Воја успева во истото. Покрај тоа што се потиснуваат нерамнините, се спречува потонување на носот при нагло запирање или кревање при силно забрзување, и секако се спречува страничното наведнување на каросеријата. Овој систем се вградува стандардно во изведбата со погон на сите тркала.

Уште едно напредно подрачје е системот за автономно возење од Ниво 2, што во основа значи дека Воја Кариџ може автоматски да изврши престигнување на побавно возило на автопат, исто како Еолус Хјуџ на неодамнешниот тест во Аутомедиа.

Тестот на Еолус Хјуџ

Купувачите што вложуваат во премиум, секако дека очекуваат и сигурна инвестиција. Тука буквално важи тоа – Воја Кариџ е прв модел во светот што располага со заштитни профили во вратите со цврстина од 2000 мегапаскали. Покрај тоа, главнината од школката е изработена од челик со ултрависока цврстина, што од една страна се грижи за безбедност, а од друга, помалку ја оптоварува тежината на возилото. Воја наведува 14 системи за асистенција, што се грижат и за безбедност и за удобност – тоа, патем, е ниво на асистенција што го поседува и Еолус Хјуџ, неодамна на тест во Аутомедиа.

Бројни технологии се вградени во Воја, меѓу нив и 7-слојна заштита на батериските модули, којашто нема да дозволи капка да протече, ако е 1 метар под вода и остане така 72 часови.

Дали кинеските автомобили се безбедни при судир?

Од тоа што се гледа, кабината располага со амбиентално осветлување во 128 бои, електрично местење на возачкото седиште во 11 насоки, послужавник што излегува пред совозачкото седиште, и веројатно уште стотина ставки во таа насока. Најделотворни системи за пречистување на воздухот во кабината се подразбираат.

Одушевува просторноста на задната клупа, како во поглед на просторот за нозе, така и во ширината на задната клупа. Багажник располага со зафатнина од 527 литри, плус 72 литри долу. Напред нема втор багажник.

Повеќе за Воја Кариџ во објавата што ќе следи во текот на неделава, откако увозникот ќе ги објави цените и спецификацијата за овој модел што менува уште едно гледиште кон автомобилите од Кина.

Достојна да конкурира на Тесла Модел Ипсилон, најпродаван електричен модел во Европа во 2025 година, цената на основната изведба на Воја Кариџ на европските пазари се движи меѓу 45 и 50 илјади евра.

Воја во понуда има и електрични модели со продолжувач на досег, а тоа е генератор што работи на бензин, и со тоа се надминува секаква неизвесност околу достапноста на полначи при патување на подолго растојание.

Покрај Кариџ, премиум марката на Донгфенг има во понуда уште три модели, главно поголеми и полуксузни.

Технички податоци за Воја Кариџ 4ВД (не се потврдени)

Димензии 4725х1900х1650 mm
Меѓуоскино растојание 2900 mm
Ширина на трага 1625/1630 mm
Растојание од подлога 180 mm
Забрзување 0-100 km/h 4.9 s
Крајна брзина 200 km/h
Празно возило 2265 kg
Дозволена тежина 2640 kg
Приколка 1700 kg
Потрошувачка 18,9 kWh/100 km
EURO NCAP 5 ѕвезди
Гаранција 5 години/150000 km
Батерија 80 kWh
Вид на батерија LFP
Досег 440 km
Полнење AC <9h (11 kW)
Полнење DC <35min (145 kW)
Приклуч. Надвор. потрошувач да
Гаранција за батерија 8 години/200000 km
Погон На сите тркала
Моќност 160 + 160 kW
Вртежен момент 310 + 310 Nm

Претходна објаваОд Златен Волан до најдобар избор за парите: Наградите на Опел во минатата година
Следна објаваТесла престанува со производство на Модел С и Икс, место тоа ќе изработува човеколики роботи

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here