Извозното одделение на кинескиот производител Донгфенг го избра салонот во Брисел, како прва голема бина за објавување новини во новата година пред европските купувачи, преземајќи ја таа улога од женевскиот Палекспо. Донгфенг ги вклучи во постава и своите марки Воја, со премиум возила, и М-Херо, со теренски специјалци.
Донгфенг во соработка со своите дилери го искористи салонот на автомобили во Брисел за да ја претстави својата понуда од модели и марки пред белгиската, а оттаму и пред пошироката европска публика. Кинескиот производител веќе извесно време е присутен на пазарот во богатата европска земја, главно со електричниот Бокс. Но, од годинава се засилува присуството со нови модели и со нови марки.
Секако, дополнителна сила на широката понуда на модели на Донгфенг ѝ дава пристапот со повеќе видови погон, од класични бензинци, преку хибриди и приклучни хибриди, до целосно електрични, па и електрични автомобили со продолжувач на досег.
Место на бриселскиот штанд добија Воја Кариџ, Воја Фри и Воја Дрим, како три модели од премиум марката на Донгфенг, покрај нив М Керо 1, луксузен и најспособен теренец со целосно електрчен погон и цени над 100.000 евра, како спротивност на Донгфенг Бокс, малечок електричен автомобил, и уште Донгфенг Виго, со големина на компакт модел.
Сите модели на штандот беа во електрифицирана изведба, значи или приклучни хибриди, или целосно електрични модели. Тоа важи и за Еолус Мејџ ПХЕВ, со приклучен хибрид.
Намерата на менаџментот на Донгфенг е Белгија да ја користи како лансирна точка за сите пазари во соседството и пошироко. Во првата фаза се избрани осум главни дилери во северна Белгија, следната фаза е ширење во јужните региони на земјата, во француското говорно подрачје. Планот е годинава да се отворат 15 нови дилерства во Белгија и соседството.
Засиленото темпо на Донгфенг се чувствува и на македонскиот пазар, каде што кинескиот производител веќе со години продава на рамниште со традиционалните марки. Од првите најави за новитетите во 2026 година, тука се премиум марката Воја, ексклузивните теренци М-Херо и изведбите од Еолус Мејџ и Хјуџ со хибриден погон.
















