
Успехот на Фиат Страда ги надмина границите на Бразил, каде што пикапот е најпродавано возило во општа конкуренција, во низа во последните пет години. Страда прво наиде на одличен успех во Бразил, каде што се произведува, за успех оттаму да се прелее на сите поголеми пазари во Јужна Америка. Тоа ѝ донесе на Страда титула на најпродаван автомобил на целиот континент во минатата година, со 156.786 нови регистрирани возила. Тоа воедно ја зајакна и доминацијата на Фиат на континентот.
Актуелната генерација на Страда веќе надмина 800.000 произведени примероци во фабриката во Бетим. Само во Бразил, во минатата година биле продадени 142.901 примероци од пикапот, со најдобра продажба во декември, со 14.536 возила.
Пазарот ја гледа Страда како издржив, современ и оригинален автомобил. Тековната генерација започна со продажба во 2020 година, меѓутоа корените на успехот на оваа моделска серија почнуваат уште во 1998 година, кога Страда стана најпродаван пикап во Јужна Америика.
Низ историјата, Фиат Страда се појавуваше во изведби со продожена и двојна кабина, со трета врата, во 2021 година доби и менувач со постојано променлив преносен однос (ЦВТ) како единствен модел во класата. Голема промена следеше во 2023 година, кога почна да се вградува нов мотор со турбонатполнење.
Секако, посебност на бразилскиот пазар е тоа што масовно се користи етанол како погонско гориво. Страда може да работи и на етанол, којшто се произведува масовно во Бразил, со користење шеќерна трска и пченка. Секако дека моделите на Фиат за бразилскиот пазар можат да користат како погонско гориво и етанол и бензин. Според Глобал Петрол Прајсес, цената на литар етанол во Бразил изнесува 0,84 УСД за литар, што е за околу 70% под цената на литар бензин.
Фиат ја извезува Страда од бразилската фабрика, во Уругвај, Парагвај и Аргентина.
Основни технички податоци · Фиат Страда
Мотор 3 цилиндри, 999 сантиметри кубни, моќност 125 КС бензин / 130 КС етанол, 200 њутнметри, технологија МилтиЕр 3 за електро-хидраулично управување со вентилите, менувач ЦВТ, должина 4448 милиметри, тежина 1251 килограми, растојание од подлога 185 милиметри, забрзување 0-100 км/ч за 9,5 секунди, 180 км/ч, потрошувачка на пат 7,6 литри бензин или 10,6 литри етанол на сто километри















