
Киа ѝ придаде големо значење на новата генерација доставни возила ПВ, одделувајќи ѝ голема улога при одбележувањето на 80-годишнината од постоењето на компанијата летоска. Станува збор за целосно нова конструкција на доставни возила што се произведуваат само во целосно електрична изведба. Револуцијата кај Киа ПВ5 и идните модели од серијата, е во тоа што врз носечката платформа, може да се изведе каква било каросериска надградба, зависно од потребите за одредена дејност или посебните барања на клиентите.
Меѓу бројните предности од револуционерниот пристап е секако и најважната, цената. ПВ5 е значително подостапен од останатите доставни возила. Понатаму ќе следат и други изведби, главно поголеми модели.
Сега од германскиот пазар пристигна вест за соработката што е остварена со гигантот во светот на занаетчиството, германски Вурт, којшто годинава одбележува 80 години постоење. По тој повод е изработена специјална серија од Киа ПВ5, што до врв е полна со прегради за сместување алати, делови и материјал.
Специјалната серија од ПВ5 Карго ќе се изработи во 80 примероци и ќе биде достапна за нарачки до март. Посебна смисла дава и третата страна, веројатно и најважната во овој проект, а тоа е германската занаетчиска комора. Оттаму доаѓа посебен попуст во висина од 25 проценти за возилото и исто така пристоен попуст за вградената опрема од Вурт. Според соопштението од Киа, предност имаат електричарите. Тоа е пример како нештата функционираат во систем што е осмислен за меѓусебно да се поддржува купувањето возило и занаетчиството.
Македонската Киа веќе го најави ПВ5 во својата понуда. Лани оттаму беше реализирана испорака на 70 примероци од електричната Киа ЕВ3, што е пуштена во служба како такси во Штип и регионот. За очекување е Киа ПВ5 да донесе вести и од светот на доставните возила.















