Новиот шеф на Порше пред многу предизвици: Кратење трошоци, Кина, старт од ново

Иконскиот модел на Порше, „елферот“, лани постави нов рекорд со продадени 51.583 возила, Кајен е втор најпродаван модел и носи одлична заработка, занаетчиите се зафатени со изработка по посебна нарачка, но пак има големи предизвици што треба да ги надмине новиот шеф Мајкл Лајтерс.

Новиот извршен директор Мајкл Лајтерс ќе пресече околу иднината на електричната лимузина Тајкан, чијашто продажба е под очекувањата на Порше.

Мајкл Лајтерс не губеше време за да се подготви за новото работно место како шеф на Порше, почнувајќи од 1-ви јануари. Во неговиот прв работен ден како извршен директор, 54-годишникот свика состанок на управниот одбор и одржа средби со вработените во главните фабрики на Порше во Цуфенхаузен, Вајсах и Лајпцих. Тоа беше јасен знак дека мора итно да се работи на предизвиците што ѝ претстојат на германската спортска марка.

Лајтерс доаѓа на местото на Оливер Блуме, кој го отстапи својот секојдневен надзор над Порше, за целосно да се посвети на раководењето со коцернот Фолкваген. Реакциите во кругот на компанијата за назначувањето на Лајтерс се позитивни и вработените опишуваат дека тој е убедлив и достапен. Јавноста досега не е запознаена со неговите планови, меѓутоа е сосем извесно дека го чекаат големи предизвици.

Главната задача на новиот шеф е да спроведе широка програма за скусување на трошоците, за што во моментов се преговара со работничкиот синдикат.

Меѓу предлозите на управата, од коишто дел веќе проструија во јавноста, спаѓаат укинување на бонусите и бенефициите за долг работен стаж, намалување на бројот на вработени, префрлување дел од активностите на надворешни компании, како и скусување на пензискиот придонес. Останатите мерки за коишто се расправа се воведување построги правила за работа од дома, смалување на бројот на практиканти и укинување на дополнителните паузи на монтажните ленти.

Порше соопшти на 16-ти јануари дека продажбата на возила на светскиот пазар во 2025 година опаднала за 10 проценти, на 279.449 возила. Најавен е план за укинување на 1.900 работни места до 2029 година и 2.000 привремени работници на коишто нема да им биде продолжен договорот за работа. Најголем товар ќе падне врз фабриката во Штутгарт-Цуфенхаузен и во Вајсах. На овие две локации работат вкупно 23.000 лица.

Стратешки приоритети за Лајтерс

Колку брзо ќе напредува заштедата зависи во голем дел од стратешките приоритети што ќе ги одреди Лајтерс. Тоа ги вклучува и планираните нови модели и новите процеси во производството.

Причини за загриженост околу нивното работно место немаат единствено вработените во одделението на Порше за изработка на возила по посебни желби. Овој огранок на спортската марка бара обемен занаетчиски труд и вештина, и се планира проширување на истиот. Постојат гласини дека работните места во Порше Мануфактур ќе бидат загарантирани и по 2035 година.

Пример за побарувачката за возила по посебна нарачка доаѓа и од македонскиот пазар; Неодамна во Порше беше испорачан примерок од Мануфактур, со бројни зафати по барање на клиентот

Следен голем предизвик е Кина. Продажбата на Порше на големиот пазар опадна за 26 проценти, на 41.938 возила. Во најдобрите години, марката продаваше по 100.000 возила во Кина. Компанијата одби да се приклучи во агресивната ценовна војна што ја разгореа домашните производители и место тоа реши да ја сочува вредноста на брендот, па дури и на сметка на опаѓање на продажбата.

За да се приспособи на новите состојби во Кина, Порше планира да ја скуси својата дилерска мрежа во земјата, од сегашните 150 на околу 80 дилери. Се очекува дека новите модели, меѓу кои се електричниот Кајен и најавениот електричен 718, ќе придонесат да се стабилизира побарувачката, иако цените на Порше се многу повисоки од локалните конкуренти.

Порше настојува да надомести за забавената продажба во Кина, преку зголемување на продажбата на пазари како Австралија и Саудиска Арабија, меѓутоа резултатите засега се неубедливи. Управата сепак смета дека Кина е премногу важна за да се напушти како пазар.

Зафати во понудата од модели на Порше

Сменетиот пазар услови воведување промени во понудата од модели на марката Порше. Компанијата повторно става нагласок на моторите со внатрешно согорување. Се планира нов СУВ на местото на Макан од претходната генерација, како и  модел со седум седишта што ќе биде позицониран над Кајен. Идниот СУВ модел што ќе го наследи Кајен со бензински мотори ќе се произведува во Лајпцих, што е гаранција за работните места во таа фабрика.

Единствено отворено прашање е иднината на Тајкан. Електричната лимузина на Порше не ги исполни очекувањата. Се разгледува престанок на неговото производство, со што би се отворил дополнителен простор за работилницата во којашто ќе се работи на изработка по посебна нарачка на клиентите, што носи поголема маржа.

Порше ќе назначи за нов шеф поранешен директор од Ферари и Мекларен

Конечната цел на Лајтерс е да заштеди милијарди евра, за маржата на Порше да се врати во двоцифреното подрачје, во време додека продажбата забавува. Успешноста на неговиот мандат ќе зависи од тоа колку вешто тој ќе балансира меѓу кратењето на трошоците и амбициозните планови на престижната марка.

Претходна објаваШкода трета најпродавана марка во Европа, меѓу ретките марки со раст лани
Следна објаваСекој трет продаден автомобил на Стелантис лани е модел на Пежо

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here