Џенсен е ценето име меѓу познавачите на сцената на спортските автомобили. Но, веќе има поминато многу години, откако светот последен пат слушна за овој британски производител.
Седиштето на денешниот Џенсен Интернационал Аутомотив е во близина на Банбери, каде што се работи на реставрација на примероци од класичниот Интерсептор и на изведување детали по барање на сопствениците.
Џенсен се произведуваше од 1966 до 1976 година во погоните во Вест Бромвич, со мотори Ве-8 од Крајслер и со каросерија дизајнирана од италијанската Кароцерија Туринг. Култот на моделот уште опстојува на сцената.
Британците најавија дека годинава ќе следи продолжение на историјата на Џенсен. Засега има само скромна најава преку тизер-слика, на којашто се гледаат главно контурите на новиот спортски автомобил со високи перформанси.
Џенсен Интернационал Аутомотив напоменуваат дека не се работи за рестомод врз основа на оригиналниот Интерсептор, туку за целосно нова конструкција и различен дизајн, што го следи духот на моделот од 1960-те.

Џенсен ветува аналогно возачко доживување, што значи дека се откажува од каква било електрификација
Поединости околу техниката уште не се објавуваат, но се знае главното. Новиот модел ќе поседува алуминиумска шасија и нов мотор Ве-8 што е конструиран самостојно. Останува погонскиот концепт на гран туризмо, со мотор напред. Не е наведено дали погонот ќе биде само назад или на сите тркала, иако двете конфигурации беа достапни кај оригиналниоит Интерсептор.
На единствената објавена слика досега се воочува долга и ниска каросерија со покрив што се спушта до завршетокот на опашот. Се забележува и долго меѓуоскино растојание, но и релативно долг каросериски превис назад.
Моделот што веројатно нема да биде именуван Интерсептор ќе се изработува рачно во Британија, во исклучително мала серија. Во почетокот ќе се испорачува само за домашниот пазар.
















