
Мекларен во иднина нема да нуди само суперспортски автомобили со две седишта, туку планира и моќен СУВ со хибриден погон, како и други модели со четири седишта.
Свежите средства сепак нема да се користат само за развој на нови модели, туку и за нови платформи што ќе се користат и за електрификација. Тоа во понеделникот прв го објави Фајненшел Тајмс.
Холдингот ЦИВН инвестира во унапредување на капитал во подрачјето на мобилноста и со него управува владата на Абу Даби. Освен во Мекларен, холдингот учествува и во британскиот стартап за електрични автомобили Форсевен и во кинескиот производител на електрични автомобили Нио.
Историска пресвртница во понудата од модели на Мекларен
Автомобилскиот огранок на групацијата Мекларен е пред историска пресвртница. Државниот фонд на Бахреин уште во пролетта 2024 година откупи удел од 100 проценти во акциите на групацијата Мекларен, чијшто главен бизнис секако е Формула 1.
Во април 2025 година, соптвениците ги споија Мекларен и Форсевен. Со новото стратешко поставување, дотогашниот извршен директор Мајкл Лајтерс мораше да го препушти своето место на Ник Колинс, во тоа време извршен директор на Форсевен. Колинс долги години пред тоа беше на раководни места во Форд и Џагјуар Ленд Ровер.
На Лајтерс му се посреќи тоа што беше испратен од Мекларен, затоа што во почетокот на годинава, овој долгогодишен шеф за техниката во Ферари стана нов извршен директор на Порше.
Поранешниот шеф на Ферари доаѓа во Мекларен
Во јуни, како гром одекна веста дека долгогодишниот шеф на Ферари, Лука ди Монтеземоло, доби место во одборот на холдингот, како директор на групацијата Мекларен. Холдингот го контролира автомобилскиот огранок и има малцински удел во тимот во Формула 1.
По долги години низ финансиска неизвесност и огромни загуби, холдингот ЦИВН конечно во почетокот на декември презеде целосна контрола врз Мекларен Аутомотив. Со овој чекор се обезбедува ликвидноста на долг рок и се означува почетокот на суштинското проширување на понудата од модели.
Досега се нудеа само суперспортски модели
Автомобилскиот огранок на Мекларен во моментов нуди само три моделски серии: 750С, ГТС и Артура. Првиот од нив е класичен пример на лесна конструкција со битурбо Ве-8, додека ГТС е своевиден гран-туризмо што повеќе е насочен кон комфорно возење.
Артура, пак, одбележа нов технолошки старт. Тоа е суперспортски автомобил со приклучен хибриден погон, во којшто Мекларен спои штедливост, возење на струја и високи перформанси. Моделот освои награди од стручниот свет, меѓу кои и „перформанс автомобил на годината“, што беше доказ за иноваторската моќ на Мекларен како иноватор во светот на возила со високи перформанси.
Новиот извршен директор сака да продава хибриден СУВ
Новиот извршен директор Колинс планира да заработува со лајфстајл модели. Во 2028 година ќе се појави првиот хибриден СУВ, што јасно цели против Ферари Пуросанг.
„Компанијата се наоѓаше во опасна ситуација,“ изјави Колинс во интервју дадено во новиот дизајнерски центар на Мекларен во Оксфордшир. „Мораше итно да се направат промени,“ ја објаснува тој критичната ситуација. Премногу возила останаа непродадени, а дополнително притискаа и барањата за остварување гаранција, поради пропустите во квалитетот.
Големи успеси во мотоспортот
Во мотоспортот, Мекларен освои шампионски титула на конструктор во 2024 и 2025 година, а ја заврши минатата сезона и со наслов на светски шампион за Ландо Норис.
Овие успеси се пренесуваат и на автомобилскиот огранок, чијшто рекламен слоган гласи „технолошки трансфер од тркачка патека на улица“. Презентацијата на Ф1-болидот за 2026 година што во февруари ќе се одржи во Бахреин, се очекува дека ќе води кон продолжување на успехот во мотоспортот.















