Фејслифтот на Пежо 408 донесе дополнителни светла

Пежо 408 треба во сé да е подобар од 308. Откако класичната комбилимузина излезе од фејслифтот како прв модел со лав што свети напред, кросоверот 408 сега добива светлечки натпис Пежо на опашот.

Според статистиката за минатата година без еден месец, Пежо имаше раст кај сите свои СУВ-модели, и мало забавување кај класичните каросериски форми. Пежо 2008 и Пежо 3008/5008 имаа голем раст во споредба со ’24, главно на сметка на комбилимизината 308 и кросоверот 408. Затоа се случи моделска нега, прво 308, па по него 408, со новини почнувајќи од боите, до натписот Пежо што свети назад.

На возачките и возачите им се допаѓа сé што дизајнерите на Пежо ќе стават под светло. Дневните светла поставени исправено, што прв ги доби 508 во 2018 година и што Французите ги нарекоа лавовски очници, станаа белег на препознавање на моделите од марката со лавот. Денешниот 2008 има дури по три очници од секоја страна, па и тропрстни траги од мачкини шепи во задните светла.

Меѓутоа, шемите по одредено време ѝ досадуваат на сцената, посебно денес кога сé е брзо. Затоа, Пежо почна да го насочува светлото на други места. Пежо 308 со фејслифтот стана прв модел со осветлен лав напред – во врвните моделски изведби – а сега кога дојде време за фејслифт на сродниот Пежо 408, првпат засвети натписот со името назад. Тоа сепак е само една од многуте промени во новото моделско годиште на фастбекот.

Пежо потсетува дека 408 е моделот на чијшто дизајн тие се гордеат најмногу. И вистина, кога денес ќе се погледне таа долга, тенка и клинеста силуета со купе-опаш, што е подигната од земја повеќе отколку што тоа би си го дозволиле другите автомобилски куќи, човек неретко ќе се најде во ситуација кога со поглед го следи фастбекот сé додека не исчезне зад аголот.

Мора да биде различно и побогато за да биде Пежо

Кога новината би се свела само на лавот што свети, тоа не би било доволно за модел со којшто Пежо сака да цели во врвот на Ц-сегментот. Затоа, освен трите коси ленти во предните светла и осветлениот лав во средина, кај новиот 408 светат уште 16 ленти со различна должина, по целиот простор меѓу светлата (кај ГТ и ГТ Ексклузив). Вкупно 21 светлечки елементи, вклучувајќи го лавот. Трите коси ЛЕД-ленти во светлата дејствуваат и како трепкачи.

Свети и опашот, 408 е прв Пежо со букви во името на марката што светат. Буквите се мошне крупни и со нивната поставеност на чиста црна површина со висок сјај, под заедничко стакло со светлата, овој дизајнерски излет повеќе личи како отмено обележје, отколку кичесто претерување. Французи, сепак. Со фејслифот, сите нивоа на опременост на 408 доаѓаат со три закосени светлечки ленти во задните светла.

Собореното и долгото светло се преселени подолу во браникот. Тоа се два исклучително тенки ЛЕД-модули, што одвај се забележуваат кога не се вклучени. Кај ГТ-верзиите работат матрични диодни светла. За да не се нарушува изгледот, радарот е сокриен зад грбот на марката, зад лавот. Овие промени повлекоа и сосем нов дизајн на маската и на предниот браник.

Кога Пежо 408 се појави првпат, јасно двоеше и дизајнот на тркалата. Сега пак е направен чекор во таа насока и се нудат тркала од 19 инчи со дизајн Адакит како опција за стадардните тркала од 17 инчи. ГТ-верзиите доаѓаат со дизајн Монолит од 20 инчи.

Главното освежување е зелената боја што се води како Флер Грин и се менува зависно од аголот на светлината, од жолта под директно сонце, до темнозедлена во сенка. Боја што навистина ѝ прилега на оваа каросерија.

Од лимузински Крајслер, преку теренска Шкода, до лавовски Пежо 408

Сменети се дигиталните инструменти, главно во графиката. Кај ГТ Ексклузив се добива 3Д-ефект, што кај останатите е опција. Вообичаено за француската марка, сменети се облогите на седиштата и вратите, во насока на потопла средина.

Кај погоните останува изборот меѓу благ хибрид (1,2 литар, 145 КС), приклучен хибрид и чисто електричен погон. Во Е-408 работи електромотор со 157 кВ (213 КС) и 343 њутнметри, заедносо батерија од 58,2 кВч, со досег до 456 километри. При користење брз полнач, Е-408 полни со 120 кВ и постигнува наполнетост од 20 до 80% за 30 минути.

Пежо го нуди својот 408 и во изведба со 1,6-литарскиот бензинец со 180 КС и електромотор со 92 кВ (системски 240 КС), заедно со 7-степен менувач со двојна спојка и батерија од 14,6 кВч, со досег до 85 километри.

Претходна објаваКинески производители на местата на Џенерал Моторс и Форд на ЦЕС во Лас Вегас
Следна објаваБАИК Икс 75 · Тест · Не било само до цената

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here