Ако полициските возила треба да бидат впечатливи и препознатливи, секогаш кога ќе се појават на улица, па згора и претставителни и достоинствени за службата, тогаш е несомнено дека и Пежо 408 ќе успее во таа задача. Како што нагласи премиерот Мицкоски, ова е прво поголемо обновување на возниот парк на полицијата во последните 15-на години.
Тоа сигурно не е намерен избор, меѓутоа Пежо 408 точно ги соединува двата најпрепознатливи модели во служба на македонската полиција. Прв беше Крајслер Стратос, раскошен и самоуверен во времето кога македонската држава цветаше во својата самостојност. Во 2000-та година, полицијата се поднови со 210 лимузини од производителот од САД. Крајслерите сепак се покажаа скапи за одржување, со чусвствителна техника, и уште поскапи за да се напојат, со потрошувачка од преку 14 литри бензин.
По Крајслерите, како прва поголема набавка, уште рано во 2013 година следеше Шкода Јети – со дизел мотор, како што беше напоменато во тендерската документација. Чешкиот СУВ-модел со германски карактер ги немаше проблемите како неговиот претходник. МВР се поднови со 150 Јети.
Министерството тогаш соопшти дека Стратосите извозеле над 500.000 километри, со една петина од возниот парк што е во невозлива состојба, а останатите со трошоци за одржување и поправки што досегаа по 7.000 евра по возило.
Во меѓувреме, и Шкодите се амортизираа. Одржувањето на големите возни паркови е наука и вештина, и мора да се почитуваат стандарди и правила коишто се разликуваат од автомобилите што се во приватна служба. А тоа значи, во најгруба смисла, ако стар автомобил некогаш уште има смисла да се поправа и одржува по 20 години, кај возните паркови станува скапо кога цел возен парк треба масовно да се поправа. Секако мора да се има предвид и дека возилата треба повеќе време да минуваат во служба, отколку качени на сервисна дигалка.
Од денес, се брои новото поглавје на мобилноста на македонската полиција, со 120 возила Пежо 408, набавени преку македонската компанија Еуроимпекс, во годината во којашто се одбележува нејзината 30-годишнина, како најстара автомобилска компанија во Република Македонија. Во кросоверите долги близу 4,7 метри работи 1,6-литарски бензинец со турбонатполнење и 215 КС, во комбинација со 8-степен класичен автоматски менувач со претворач на вртежен момент.
Крајната брзина изнесува 215 километри на час, забрзувањето до темпо сто трае 7,9 секунди. Според фабрика, просечната потрошувачка изнесува 7,0 литри бензин на сто километри. Возилата се под петгодишна гаранција, што секако дека оди во насока на скусување на идните трошоци за возниот парк на Полицијата.
Како што напомена министерот Тошковски, вредноста на набавката изнесува 202.600.000 денари, што е за 30 милиони денари под буџетот што бил одреден за таа намена. Заштедените средства ќе бидат искористени за останатите потреби на Министерството.
Нека ни се честито новите возила на македонската полиција!















