Ем Џи Мотор првпат ја завршува годината со продажба од преку 300.000 возила ширум Европа. Звучната граница беше надмината уште во средината на декември, со продажба зголемена за близу 30 проценти во споредба со истиот период лани, кога Ем Џи постигна 233.000 продажби во Европа, вклучувајќи ја Велика Британија, како еден од најголемите пазари, и воедно земја каде што е родена марката Ем Џи, пред да стане дел од групацијата САИЦ.
Најголема заслуга за растот во продажбата имаат хибридните модели на Ем Џи, вклучувајќи го мошне бараниот СУВ-модел Ем Џи Ејџ Ес. На возила со хибриден погон отпаѓаат 137.000 автомобили, што е речиси трипати повеќе од лани. Во меѓувреме, продажбата на моделската серија Ем Џи Зед Ес достигна 123.000 возила, што претставува одличен раст од 32 проценти во споредба со лани.
Кинеската марка со британско потекло низ 2025 година постигна значително збогатување на својата понуда од електрични модели и продолжи да работи на предизвикот, новите видови погон да станат подостапни за широк круг купувачи.
Тоа се однесува главно на СУВ-моделот Ем Џи Ес 5, додека модели од серијата ИМ што ставаат поголем нагласок на технологијата, почнаа да се продаваат во ОК, Норвешка и Швајцарија. Во последното тромесечје се вклучи и електричниот СУВ-модел Ем Џи Ес 6.
Марката во моментов е присутна на 34 пазари ширум Европа и застапена е преку 1.300 дилери. Нови модели ќе се појават во салоните на Ем Џи уште во почетокот на следната година.
Трка на Кинезите за Европа: Би Уај Ди го достаса МГ, зголемувајќи ја продажбата двојно
Ем Џи лани одбележа 100-годишнина и денес е присутна на пазарот со бензински, хибридни и електрични возила. Гамата покрива широк дијапазон, од електричниот Ем Џи 3, до престижниот и моќен родстер Сајберстер.
















