Донгфенг најавува нов достапен СУВ за в година

Просторот меѓу лимузината Еолус Шајн и кросоверот Еолус Мејџ во понудата на Донгфенг на македонскиот пазар, в година ќе го пополни Шајн ГС.

Раздвижено е во Донгфенг, најпродаваниот производител на автомобили од Кина на македонската сцена. По најавите за три модели со приклучен хибриден погон и потврдата дека се приклучува и премиум марката Воја, третата голема новина е кросоверот Шајн ГС.

На сцената сега ѝ е полесно да ги распознава местата на одделните марки на Донгфенг. Фортинг очигледно се зафаќа за модели со многу простор, комоција и напредни технологии во кабината – како што е примерот со Т5 Ево, со ванот Ју Тур и со електричната лимузина С7, Нами е за електрични модели со концепт што се издвојува од масата – пример, Бокс 01 и сега Бокс 08, Воја е за престижни модели, додека Еолус нуди противвредност и динамичен стил. Тоа сепак е марката што ги брани боите на производителот Донгфенг во мотоспортот во Кина.

Триото модели на Еолус се постави одлично на македонскaта сцена. Шајн го ужива местото на најдостапна лимузина во моментов, а притоа како уште еден силен аргумент за продажба го добива и моторот од 1,5 литар, којшто на тестот се покажа како мошне штедлив и култивиран.

Тоа е модел што ја користи платформата од заедничкиот развој на Донгфенг и тогашен ПСА, каде што Кинезите покрија 40 проценти од трошоците за развој на истата. Истата платформа, со различни мотори и менувачи, ја користат и тековните Пежо 208 и 2008, Опел Корса и други модели од денешниот концерн Стелантис.

Мејџ и Хјуџ привлекоа внимание во сегментот на СУВ што балансираат меѓу компакт и средната класа, меѓутоа како пософистицирани модели се поставени во ценовното подрачје меѓу 25.000 и 35.000 евра. Тоа остава простор за уште еден модел.

Тој простор в година ќе го пополни 4-от модел од Еолус што ќе се продава на македонскиот пазар, Шајн ГС. Очигледно е дека станува збор за СУВ-изведба што ја користи платформата од лимузината Шајн, меѓутоа во поголема каросерија.

Со должината од 4,61 метри, Шајн ГС е незначително покус од лимузината, но затоа со 1,61 метар е повисок за 12 сантиметри од ниската лимузина со аеродинамична форма. Меѓуоскиното растојание од 2,68 метри останува.

Засега нема официјални технички податоци за моделот што е хомологиран за Европа, меѓутоа е сосем извесно дека во Шајн ГС ќе работи познатиот мотор Мах 1,5Т, чијашто варијанта за хибриден погон неодамна освои наслов на најефикасен бензинец со ефикасност од преку 48 проценти. Тоа е патем истиот мотор од Мејџ, Шајн, Т5 Ево, Ју Тур и други модели на Донгфенг.

Ориентациски, моќноста на моторот со турбонатполнење е 140 КС, вртежниот момент е 300 њутнметри, менувачот е 6-степен со двојна спојка, конструиран од Гетраг. Назад нема мултилинк оска како Мејџ и Хјуџ, меѓутоа и европската конкуренција не нуди толку скапа техника во компактен кросовер. Постои и варијанта со 115 КС, без турбонатполнење, како најдостапна изведба.

Од опременоста се наведуваат само неколку ставки на вебсајтот на производителот: Електрична паркирна сопирачка, пристап и стартување без клуч, камера со приказ во 540 степени, систем за контрола на притисок во гуми и автоматско вклучување светла.

Кросоверот ја презема внатрешноста од лимузината, со живи бои за детали во кокпитот, што е во согласност со развојното мото за овој модел, „првиот СУВ на младиот човек“.

Увозникот АБЦ Брадер уште ја нема потврдено цената на Еолус Шајн ГС за македонскиот пазар, меѓутоа може да се очекува ниво од околу 20.000 евра, со тоа што е поверојатно да биде под, отколку над тој праг.

Претходна објаваНисан бара спас во партнерства, но засега ги наоѓа тешко
Следна објаваПежо пред 20 години: Несекојдневниот 1007 беше првиот „00“ модел

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here