
Најголемите изуми се едноставни. Во лакот се поставени соларни модули што ја полнат енергијата на електричните автомобили. Мерцедес-Бенц со својот Вижн Ајконик покажа дека работи на технологијата, а има и други. Но, дали навистина има шанси за тоа?
Најновиот концептен автомобил на Мерцедес-Бенц, ретро-футуристичкиот Вижн Ајконик, поседува мноштво напредни технологии, од самостојно возење од 4-то ниво, до управување преку кабел. Но, највпечатливата технологија не се гледа.
Мерцедес-Бенц разви соларен модул што е дебел само пет микрометри (0,005 милиметри) и може да се постави директно врз каросеријата. Тоа значи дека целата површина на електричниот Вижн Ајконик може да произведува струја за батеријата.
Соларниот слој се наоѓа меѓу каросеријата и црниот сјаен лак. Според Мерцедес-Бенц, бојата што се состои од наночестички, пропушта 94 проценти од сончевата енергија.
Во Штутгарт 12.000 бесплатни километри годишно, во Лос Анџелес до 20.000 километри
Уште една предност е тоа што панелите не содржат ретки земјени минерали или силициум, и со тоа е едноставно да се рециклираат.
Фотоволтаичната фолија трпи најразлични материјали и може значително да го продолжи електричниот досег. Тоа сепак зависи од географската положба, односно од бројот на сончеви часови во една година. Фолијата прозведува струја кога возилото стои паркирано.
Според Мерцедес, површина од единаесет метри квадратни, што одговара на СУВ од средна класа, во совршени услови, во Штутгарт може годишно да произведе енергија за 12.000 километри пат. Поради поголемиот број сончеви часови во Лос Анџелес, таму се можни до 20.000 километри годишно.
![]()
„Голем успех“, цени шефот во Мерцедес-Бенц за електричен погон Јохен Шмит
Технологијата може да се користи за да се подобри енергетската ефикасност и одржливоста на идната генерација електрични автомобили на Мерцедес-Бенц.
Јохен Шмит, одговорен за електричниот погон во Мерцедес-Бенц, изјави за Аутомотив Њуз Европа, дека идејата со соларните ќелии врз возилата не е нова, меѓутоа Мерцедес-Бенц успеал да ги помести границите на остварливото. Потфатот е во тоа што е изнајдено решение за фолијата да се приспособи на облините на каросеријата.
„Таа се шири и свива – точно колку што ни е пторебно за комплексни тридимензионални форми“, вели шефот. „Тоа беше голем успех за нас.“
Не сакаме да развиеме решение што ќе го поскапи возилото за уште 10.000 евра
Јохен Шмит, одговорен за развој на електричен погон во Мерцедес-Бенц АГ
Можни се и други бои, но тогаш се смалува ефикасноста
Тимот на Шмит развива методи што се применуваат брзо и не се прескапи. „Имаме уште многу да истражуваме, сепак не сакаме да развиеме решение што ќе го поскапи возилото за уште 10.000 евра – тоа едноставно нема да им биде привлечно на клиентите, во поглед на трошоците,“ објаснува тој.
Шмит очекува дека решението може наскоро да се користи и со други бои. Површинскиот лак може да ја филтрира светлината и да произведува сина, црвена или зелена боја, без да се губи ефикасноста.
Но, постои проблем. Колку е потемна бојата, толку е поголема ефикасноста. Тој посочува дека сина боја би ја смалила ефикасноста за околу пет проценти. Бела боја има најмала ефикасност.

Соларни покриви за автомобил отвораат ново подрачје за бизнис
Останатите производители и добавувачи исто така работат на опремување на возила со решенија што произведуваат струја. Според СБД Аутомотив, пазарот за соларни покриви за автомобили во блиска иднина ќе расте по 18% годишно.
Кај Тојота Приус во изведбата со приклучен хибриден погон може да се нарача соларен покрив. Според Тојота, тој дневно произведува струја за 5 километри пат.















