Ауди за време на соопштувањето на финансиските резултати на 31-ви октомври, најави дека бранот нови модели на светскиот пазар во 2026 година ќе биде сосредоточен на малечки електрични модели, на РС-варијанти со врвни перформанси и на штедливи СУВ од високите класи.
Главната новина, напоменаа од Ауди, сепак ќе биде светската премиера на Ку 9, којшто ќе биде позициониран над Ку 7. Ауди го најави новиот модел како „прв СУВ на марката во престижниот Д-сегмент.“
Дилерите на Ауди во САД со години бараа голем СУВ со три реда седишта за да им послужи на клиентите што бараат многу простор. Големиот СУВ е докажан модел во сегментот на големите СУВ од премиум марки, но честа критика е стеснетото седење во третиот ред седишта во Ку 7.
Проширувањето на понудата од модели на Ауди во 2026 година вклучува малечок електричен модел и СУВ со мотори со внатрешно согорување.
Папараците неколку години наназад ловеа прототипи за коишто се чинеше дека станува збор за идниот голем СУВ на Ауди. Но, баварскиот производител досега немаше потврдено дека таков модел постои.
Додавањето поголем СУВ во понудата ќе ги зголеми продажбата и профитот на Ауди во САД.
Во третиот квартал запре низата од шест последувателни падови во продажбата на луксузната марка во САД, меѓутоа продажбата годинава до септември и натаму е за 7,8 проценти под ланскиот пазар.
Од Ку 7 до септември се продадоа 14.256 примероци на пазарот во САД, што е раст од 5,2 проценти.
Во текот на соопштувањето на финансиските резултати, Ауди најави дека в година ќе стартува и нова генерација на Ку 7.
Ку 7 имаше моделско освежување за 2025 година, но доаѓа време за замена. Првата генерација имаше премиера во 2006 година, по неа следеше тековната генерација, што своето деби го имаше во 2017 година. Следната генерација на Ку 7 ќе го следи стилот што Ауди го примени кај новите Ку 5 и Ку 3.
















