Шкода е трета најпродавана марка во Европа, близу 620.000 возила до октомври

Кај Шкода е мошне прегледен билансот за бизнисот во првите девет месеци од 2025 година. Единствено Кина е во минус, сé останато расте.

Шкода Октавија е најпродаван модел со преку 140.000 примероци во првите девет месеци од 2025

Шкода ги објави резултатите за трите квартали од 2025 година: На светскиот пазар се испорачани 765.700 возила, што претставува раст од 14,1 проценти. Соодветно пораснале и прометот на 22,3 милијарди евра (+9,5%), оперативната добивка на 1,79 милијарда евра (+5,4 %), па дури и маржата се држи на високи 8,0 проценти (8,3% лани), што е подобро и од некои премиум марки во овие немирни времиња.

Во Европа (ЕУ27, Велика Британија, Швајарија, Норвешка и Исланд) се испорачани 616.300 возила до завршетокот на септември, со што Шкода е трета најпродавана марка во регионот.

Добри вести доаѓаат и од пазарот на електрични и приклучни хибридни модели, со раст од 24,1 проценти. Елрок е трет, Ениак е шести најпродаван БЕВ во Европа. Посебна гордост на Млада Болеслав е компактниот Елрок, со големина споредлива со Карок, којшто од стартот на продажбата веќе надмина 100.000 нарачки.

Шкода се развива одлично и на пазарот во Индија, каде што го пробива пазарот во име на целиот концерн. Таму се испорачани 49.400 возила, што е нов рекорд и претставува раст од 106,1% во споредба со лани. Во почетокот на годината во Виетнам стартуваше производството на Кушак, а од септември се произведува и Славија.

Мартин Јан, директор за продажба и маркетинг, резимира најдобро и укажува дека Шкода е „втора најпродавана марка кај важните флотни клиенти“, понатаму дека „речиси секоја четврта Шкода испорачана во Европа е електричен автомобил.“ Тој го најавува и следниот чекор, новиот основен модел на Шкода со електричен погон, Епик. „Неговата цена на бројни пазари ќе соодветствува со бензинскиот Камик“, додава Јан.

На својот најголем пазар, германскиот, Шкода постигна 153.800 испораки, што е 9,9% над ланскиот резултат до септември. Напредуваат и домашниот пазар, Чешка (67.700, +9,8 %), третиот најголем пазар Велика Британија (66.100, +13,4 %), како и Данска (15.100, +59,2 %) и Шпанија (30.000, +21,9 %).

Напредува електрификацијата, Елрок и Ениак се меѓу најпродаваните БЕВ во Европа

На светскиот пазар во првите три квартали се испорачани 150.700 возила со електричен (БЕВ) и приклучен хибриден погон (ПХЕВ). Нивниот удел во европската продажба на Шкода е 24,1%. Само во категоријата на БЕВ, Шкода е 4-та најпродавана марка и држи удел од 6,6 проценти.

Убедлив е успехот на БЕВ-моделите, со испорачани 118.600 возила, од кои 60.400 се од моделот Елрок, додека останатите 58.200 возила се од двете каросериски изведби на Ениак.

Елрок е најпродаван БЕВ во Чешка, Данска и Словачка, односно е во Топ 3 во Австралија, Холандија и Швајцарија. Во септември е постигнат месечен рекорд во испораката на БЕВ, со 17.400 возила. До завршетокот на октомври, добиени се вкупно 170.000 нарачки за електричните модели на Шкода.

Најпродаван модел е Октавија со 142.000 примероци, пред Кодиак и Камик

Покрај Индија и Виетнам, како пазари на коишто им престои бурен раст, се јавува и Турција со 32.200 возила (+7,0 %), каде што посебно расте популарноста на Суперб и Октавија. Во Мароко се испорачани 4.500 возила (+43,8 %).

Покрај веќе многупати најавуваниот и исчекуван Епик, следен новитет на Шкода е сериската изведба што е произлезена од студискиот Вижн 7С, голем СУВ со седум седишта и со електричен погон.

Претходна објаваРено преговара со кинески Чери, откако се здружи со Џили во Бразил
Следна објаваАуди в година го пушта во продажба Ку 9

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here