Сеат Ибица и Арона со нов изглед, сменета кабина и повеќе опрема

Сеат го заокружува одбележувањето на својата 75-годишнина и изврши зафати кај своите најпродавани модели Ибица и Арона.

Големоволуменските производители на автомобили го вратија вниманието кај моделите што ја сочинуваат нивната суштина, а тоа е да прават автомобили што се достапни и што народот ги сака најмногу. Кај Сеат, тоа се двата модели Ибица и Арона, коишто доживеаја моделско освежување во време кога шпанскиот производител одбележува 75 години постоење.

Сеат ги испочитува своите основни модели Ибица и Арона со зафати за освежување во надворешноста, во внатрешноста и во противвредноста.

„Сеат Ибица и Арона се вистински успешни приказни, суштински за нашата понуда и за растот на марката. Како два модели што се иконски за Сеат, тие одиграа клучна улога во урбаната мобилност и овозможуваа луѓето да се движат послободно кон новите можности,“ кажа извршниот директор на Сеат, Маркус хаупт.

Производителот од Марторел, освен вообичаените зафати во изгледот и во внатрешноста, како и додавањето уште повеќе сериска опрема, ги доведе и моторите во согласност со барањата во поглед на емисијата на штетни материи според престојната норма ЕУ7.

Од првата Ибица од 1984 година, досега се продадени преку 6 милиони примероци, од пет генерации. Моделот отсекогаш донесувал свежи идеи и побудувал „младешки, креативен и слободноумен дух“, стои во соопштението.

Сеат Арона е СУВ-придружничката на Ибица и постигна впечатлив пазарен настап од дебито во 2017 година. Со преку 750.000 продадени примероци, Арона ги услушува барањата на возачи што бараат „енергичен и младешки СУВ, што е подготвен да се соочи си сите урбани предизвици.“

Нови детали, нов бои и целосно сменет дизајн на тркала, од 15 до 18 инчи

Носот на двата модели е сменет целосно и оддава посамоуверен лик. Сменета е формата на маската, со препознатливиот крупен растер на решетката, со мат и со сјајни површини. Тоа дава спортска нота во изгледот. Светлата исто така се сменети и се потенки, што заедно со маската ја нагласува ширината на возилото.

Назад е нов браникот, со спортски стил. Надолжниот раб е нагласен за и тука да се стекне впечаток за ширина. Згоден зафат се исписите на името на моделте, Ибица и Арона, со мат алуминиумски букви.

Во изведбата ФР, на средните столбови со ласер е изработено лого ФР. Новите дизајни на тркалата нема да се пропуштат, вклучувајќи ги димензиите: За Ибица има по две нови опции за 17 и 18 инчи, кај Арона се достапни две дополнителни опции за 16 и 18 инчи, покрај тркала од 15 инчи за основните модели. Покрај тоа, Сеат нагласува и користење гуми што придонесуваат за пониска потрошувачка.

Трите нови бои се младешки, со имиња Лиминал, Онирик и Хипнотик. Тоа заслужува посебна приказна: Сеат наведува дека користел вештачка интелигенција при моделското освежување на Ибица и Арона.

Кај Арона има две опции за бојата на покривот: Црна и менхетен сива.

Во внатрешноста пречекуваат материјал со нов дезен, поквалитетни. На отворите за воздух се додадени ненападни акценти. Во изведбата ФР при стартот на продажбата на новите модели, школкестите седишта сега се стандардни. Вратите се обложени со платно и се внимавало да повеќе површини да бидат обложени меко. Воланот е обложен со перфорирана кожа.

Новина во опременоста се аудио системот со шест звучници, сабвувер и 300-волтен засилувач. Безжичното полнење телефон работи со моќност од 15 вати и со разладување.

Под хаубата останува понуда од мотори од 80 до 150 КС.

  • 1.0 МПИ со 80 КС, 3 цилиндри, 5-степен мануелен менувач (само Ибица)
  • 1.0 ТСИ со 95 КС, 3 цилиндри, 5-степен мануелен менувач
  • 1.0 ТСИ со 115 КС, 3 цилиндри, 6-степен мануелен менувач или 7-степен ДСГ
  • 1.5 ТСИ со 150 КС, 4 цилиндри, 7-степен менувач ДСГ

Произведени во Марторел, во близина на Барцелона, двата модели ќе стартуваат со испораки во јануари 2026 година.

До 2028 година, Сеат ќе додава електрифицирани изведби во својата понуда, почнувајќи од благи хибриди за Ибица и Арона во 2027, а потоа и полн хибрид за Сеат Леон во 2028 година – нов погон во Фолксваген, што првпат ќе се вградува во новиот Т-Рок. Понатаму ќе има и освежување за Леон и Леон Спортстурер во 2029 година.

Претходна објаваНедостигот од материјали скуси 7.400 возила од продукцијата на Нисан во САД
Следна објаваОтворен сервисот за Дукати: Тука мотоциклот се носи од љубов, не од мака

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here