
Астара Ауто Финланд, увозникот на Киа за Финска, на купувачите на електричен автомобил им подарува освежувачи за кабина што мирисаат на бензин. На тој начин, сопственциите на електричен автомобил ќе можат да почувствуваат носталгија на времето кога возеле автомобил со бензински мотор.
Компанијата им ја подарува „елката“ со мирис на бензин на купувачите на новиот електричен модел ЕВ4.
Киа во август започна со редовно производство на новиот електричен модел од компакт класата ЕВ4, во својата фабрика во Жилина, Словачка.

„Збогувањето со моторите со внатрешно согорување е голема промена, чувството е исто како кога се откажувате од нешто што е ваше,“ порача комерцијалниот директор на Астара Ауто Финланд, Клаус Похјала. „Сакавме да внесеме носталгиска радост во освежувачот со мирис на бензин.“
Освежувачот е производ на финскиот производител на мириси Макс Пертула. Во неговиот состав влегуваат состојки што вообичаено се користат во машките мириси, заедно со мирис на цвет на јасмин.
За да ја создадат посебната арома, на база од мирис на масло се додадени метални и минерални нијанси, што потсетуваат на сервисна работилница.
„Благиот мирис на бензин додава долготраен, но ненападен тон во мирисот,“ порачуваат од Пертула. „На крајот, внесена е живост во составот со ‘метализирање’ и ‘пескарење’ со компоненти на амбер, бреза и галбанум.“
Видеото од тестот на Киа Спортаж во Аутомедиа
Во Финска, електричните автомобили во првите осум месеци постигнаа удел од 35 проценти во продажбата. Кај Киа, електричните модели учествуваат со 29 проценти во продажбата во Финска годинава.















