Недостигот од чипови веројатно ќе ги погоди големите добавувачи во следната седмица, со веројатност дека кризата ќе се прошири во целата автомобилска индустрија во наредните 10 до 20 денови.
„Ситуацијата води кон значителни рестрикции на производството, а во блиска иднина дури и до целосно запирање на производството,“ предупредува Хилдегард Милер, којашто раководи со здружението на германските производители на автомобили ВДА.
Пекинг ја блокираше Нексперија, холандски производител на микрочипови што е во сопственост на кинески Вингтек Технолоџи, оневозможувајќи ѝ да извезува производи што се изработени во нејзините фабрики во Кина. Овој потег се случи откако холандската влада ја презеде контролата врз компанијата, повикувајќи се на вонредни закони, и образложувајќи дека на тој начин го обезбедува производството што на земјата ѝ е од стратешко значење.
Овој чекор ескалираше во трговски спор од пошироки размери, во време кога Кина и САД се подготвуваат за преговори на државничко ниво, коишто треба да се случат кон завршетокот на месецов. Пекинг предходно воведе построга контрола врз извозот на ретки минерали и материјали за батерии, што се клучни за електричните возила.
Производителите на автомобили и нивните добавувачи одржуваат кризни состаноци со владини претставници, за да осмислат стратегија за вонредни ситуации, но предупредија дека ќе бидат потребни месеци додека се најде замена за снабдувањето и обезбедување на квалитетот на истото.
Погодени се и производителите во САД
Недостигот ќе се прошири и надвор од Европа. Производителите во САД исто така ќе бидат погодени од кризата, поради тоа што во разни компоненти и во електронските склопови што ги изработуваат добавувачите, се користат чипови од Нексперија.
Целата бранша беше затечена, откако холандската влада реши да презеде контрола врз Нексперија, поради силните притисоци од Вашингтон, кажуваат две лица што се запознаени со случувањата.
Германскиот производител на микрочипови Инфинеон Технолоџис, еден од главните добавувачи на автомобилската индустрија, според објавите на Блумберг од минатата недела, добил барања од производителите да се почне со барање алтернативни извори на компоненти.
Иако во почетокот се најдоа во небрано, производителите на автомобили и добавувачите ги отворија каналите со кинеските власти и со претставниците во Холандија и во Европската Комисија, кажуваат лица што се упатени во преговорите.
Фолксваген и Бош имаат кризни штабови, Мерцедес има залихи
Фолксваген постави кризен штаб што ќе реагира во случај да биде загрозено снабдувањето од добавувачите. Роберт Бош, најголем производител на автомобилски делови во светот, кажаа дека нивните експертски тимови се во директен контакт со Нексперија, како и со останатите добавувачи и засегнати клиенти, со цел за можните рестрикции во производството да бидат сведени на најмал обем.
Од Мерцедес-Бенц соопштија дека директно се следи ситуацијата во Нексперија и дека имаат обезбедено залихи за кус период.
















