Европејците со девет плати купуваат пет години стар Голф

На Европа повторно ѝ јакне купувачката моќ. На граѓаните лани им биле потребни помалку плати за да купат користен автoмобил.

Колку плати им биле потребни на Европејците за да купат користен Голф во 2024 година

Тоа е главниот расчекор на нашиот пазар, ниски плати за автомобили – и се останато – што ни доаѓаат од економски развиени земји. Истражувањето на Аутоскаут24 покажува колку им е полесно на Европејците да купат користен автомобил, а користен притоа има сосем друго значење отколку кај нас.

  • Онлајн-берзата Аутоскаут 24 изработува т.н. Голф-индекс: Цените во 2024 година паѓале ширум Европа
  • И натаму постојат големи разлики меѓу европските држави
  • Германците плаќаат најмногу, Белгијците најмалку

На европските возачи на автомобили повторно им се приближува можноста да купат автомобил. Тоа го покажува најновиот показател на купувачката моќ за користени возила за 2024 година, што го изработува онлајн-берзата Аутоскаут 24. Таканаречениот Голф-индекс покажува колку месечни плати им се потребни на граѓаните во пет европски држави, за да купат користен Фолксваген Голф. Индексот се пресметува врз основа на просечната цена на користен примерок од Фолксваген Голф  во огласите на Аутоскаут24 и просечната нето плата во петте земји.

Во Германија, просечната нето плата според Еуростат изнесува 2.302 евра. Тоа е втората најниска плата во споредбата, по Италија. Во 2024 година, на Германците чисто калкулативно им било потребно да заштедат 8,7 месечни плати, што е за околу дваесетина денови покусо во споредба со 2023 година.

Најбрзо до користен Голф доаѓаат Белгијците. Нив им се потребни само 5,7 месечни плати (-1,2 месец во споредба со 2023). Најдолго мораат да штедат Италијанците: Таму се штеди 9,6 месеци, но тоа пак се 1,2 месец покусо во споредба со преклани. Добро напредуваат и Холанѓаните, со 6,0 месеци (-1,0), како и Австријците (6,1 месеци, -0,6).

Просечната цена на нов и просечна цена на користен Фолксваген Голф во 2024 година во огласите на Аутоскаут 24, во Германија, Италија, Белгија, Холандија и Австрија

Цените паѓаат на сите пазари, најмногу во Белгија и Холандија

Причина за зголемената куповна моќ се намалените цени на користените Фау Ве Голфови во споредба со 2023 година. Цената на возилата сепак драстично се разликува од земја до земја:

  • Германија: 19.912 евра (-715 евра / -3,5 % во споредба со 2023)
  • Австрија: 16.979 евра (-519 евра / -3,0 %)
  • Италија: 16.406 евра (-1.441 евра / -8,1 %)
  • Холандија: 16.040 евра (-1.958 евра / -10,9 %)
  • Белгија: 14.427 евра (-2.246 евра / -13,5 %)

Во Белгија, Холандија и Италија се постари понудените возила за продажба во споредба со Германија и Австрија. Две третини од понудените Голфови се постари од пет години. Во 2024 година продолжи да старее возниот парк во трите држави, така што на пазарот се појавија повеќе возила со пониски цени. На пазарот влијаат и локалните субвенции или попусти за одредени видови погон или модели.

Од Аутоскаут 24 објаснуваат: „Во матичната земја на Фау Ве Голф, купувачите посегаат најдлабоко во џебот. Причина за тоа е мошне младата понуда од возила со голем број автомобили што се враќаат од лизинг. Околу 30 проценти од понудените Голфови се помлади од една година – тоа е шестпати поголем удел во споредба со Италија и Белгија. Тоа носи квалитет, но и повисоки цени.“

Користените Голфови постојано поскапуваат

И покрај краткотрајната релаксација, при споредба на подолг рок се воочува тренд што расте. Од 2017 година, цените на користени возила во сите земји во истражувањето пораснале значително – во Германија за близу третина, а во Холандија за преку 40 проценти.

  • Германија: Цените пораснале за +4.794 евра (+31,7 % во споредба со 2017 година)
  • Холандија: +4.771 евра (+42,4 %)
  • Белгија: +3.661 евра (+34,0 %)
  • Австрија: +3.406 евра (+25,0 %)
  • Италија: +2.894 евра (+21,4 %)

„Покрај инфлацијата и прекините во производството за време на пандемијата и кризата со микрочипови, друга главна причина за растот е технолошкиот напредок: Денешните возила се дигитализирани, побезбедни и поопремени“, наведуваат од берзата.

Што е со Македонија?

Споредбата со економските услови и со (не)зрелоста на пазарот на користени автомобили во Македонија е повеќе од бесмислена, меѓутоа да нема двоумење околу тоа: Просечната нето плата во јануари, според Заводот за статистика, изнесувала 43.050 денари. Во јануари, според евиденцијата на Стопанска Банка, евро се купувало за 61,80 денари. Платата, според тоа, изнесува 696,6 евра. Доколку се земат за пример 9,7-те месечни плати во Италија, место користен Голф од 16.406 евра, со нашите непросечно просечни плати, може да се дозволи користен Голф што се продава за 6.757 евра.

Разликата: Додека Италијанците со десетината просечни плати купуваат користен Голф 2.0 ТДИ од 2020 година, со реални 70.000 километри, Македонците можат да си дозволат само Голф „петка“ 2.0 ТДИ од 2010 година, со 264.000 поминати километри. Реално, нашиот народ пак ќе се реши за најголемото што се купува за тие пари, па нема да биде ниту 15 години стар Голф, туку Мерцедес „џип“ од почетокот на милениумот. И тоа се смета за добра зделка.

Претходна објаваОва се најпродаваните кинески автомобили во Европа, вкупно 165 модели
Следна објаваГерманското индустриско производство во пад поради слабеењето на автомобилската бранша

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here