
Производството во август било намалено за 4,3 проценти во споредба со претходниот месец, што се должи на падот од 19 проценти во производството на автомобили, објави германската агенција за статистика Дестатис.
„Регистрираниот пад може во дел да се објасни со комбинацијата од редовните затворања на фабриките поради годишни одмори и смените во продукцијата“ во автомобилската индустрија, наведува Агенцијата во соопштението.
Извештајот, заедно со податоците што беа објавени во почетокот на неделава, покажува дека нарачките што доаѓаат до фабриките, веќе четврти месец паѓаат непредвидено. Тоа укажува на долготрајната слабост што ја погодува Германија, додека земјата се обидува да запрепне од влијанието од царините во САД, ценовниот шок за енергијата и кинеската конкуренција.
БМВ неделава ги спушти своите предвидувања за бизнисот годинава, поради долгиот период на смалена продажба во Кина и трошоците што се предизвикани од царините во САД, што сведочи за потешкотиите со коишто се соочува германската автомобилска индустрија, којашто е зависна од извозот. Кон завршетокот на септември, и Роберт Бош објавија дека ќе скусат уште околу 13.000 работни места во својот огранок што произведува делови за автомобили.
Економистите имаа разединети ставови околу објавените вести. Мартин Адемер од Блумберг Економикс кажа дека бројките „укажуваат оти секторот веројатно нема да придонесе во позначаен обем за растот во второто полугодие од 2025.“
Наспроти тоа, Карстен Брзески, раководител во ИНГ, има уште повеќе песимистички ставови.
„Тоа е уште еден јасен знак за структурните предизвици со коишто се соочува германската индустрија,“ порача тој во извештајот. „Досега објавените месечни податоци, покажуваат дека е голема веројатноста за уште еден квартал со пад, а со тоа расте и веројатноста за техничка рецесија.“
Додека се очекува владата во текот на денов да објави пооптимистички предвидувања, постојаните падови за коишто сведочат објавените податоци, покажуваат дека канцеларот Фридрих Мерц се наоѓа пред големи предизвици, да ја врати економијата, по кризата што трае веќе втора година.
Тој вети дека ќе го врати растот и ќе ги надмине долготрајните проблеми, како што се стареењето на работната сила и бавната бирократија, меѓутоа критичарите укажуваат дека малку е постигнато од тоа.
Претседателот на Бундесбанк, Јоакин Нагел, на 7-ми октомври ја повика владата да го „забрза патот на реформите“, и повика да се вложат повеќе напори за во земјата да се привлечат повеќе квалификувани работници.















