
Сервисните работилници вообичаено се полни, но како што напредува електрификацијата, се јавува закана дека сервисите ќе почнат да се подиспразнуваат.
Иако преоѓањето на електрични возила се одвива побавно од предвидувањата на експертите, работите сепак се движат. Според последните статистики, батериските електрични автомобили во август учествувале со 20,2% во вкупната продажба во Европа. За осум месеци се продадени 1,54 милион автомобили на струја, не вклучувајќи ги приклучните хибриди. Промените стануваат видливи и во овластените сервисни работилници.
Најдобра претстава за тоа што ѝ претстои на сервисната бранша може да се стекне во Скандинавија. Тоа важи посебно за Норвешка, но и Данска, Шведска и Финска се далеку пред останатите европски држави во поглед на напредувањето со електромобилноста.
За 46 проценти е помал прометот од одржување и поправки на ЕВ
Во поглед на учеството на електричните автомобили (ЕВ) во продажбата, новешкиот пазар пред десетина години беше споредлив со тоа што денес се случува со германскиот пазар. Норвешка во 2017 година имаше удел од 20,9 проценти на ЕВ во продажбата на нови автомобили. Во следните пет години, уделот се зголемуваше по десетина проценти секоја година. Лани, тој удел достигна 89 проценти, а до август годинава, веќе 94 проценти од пазарот на нови автомобили се ЕВ.
Влијанијата јасно се гледаат во сервисните работилници. Според истражувањето на норвешкиот увозник на Фолксваген, Молер, прометот од сервисирањето – главно редовно одржување и поправки) по ЕВ е за 46 проценти понизок во споредба со модел со МВС. Истражувањето се однесува за возила стари до 4 години.
Кај постарите ЕВ е помала разликата. Од возила стари од 4 до 7 години, и од возила постари од 7 години, се наплаќа 30 проценти помалку за сервисирање. Овие бројки не важат целосно за останатите пазари, но даваат добра претстава за иднината на бизнисот.
Данска уште заостанува далеку во споредба со Норвешка. Во минатата година, секој втор продаден автомобил (51,6%) бил електричен. Годинава уделот се искачи на 64 проценти.
Работите се менуваат мошне брзо. На тоа укажува примерот на моќниот дански трговец со возила Кристијансен Груп. „Лани во сервисниот бизнис имавме удел од десетина проценти на ЕВ, годинава веќе се 30 проценти.“
Промената на масло и филтри е непотребна, останува бизнисот со гуми
Зафатите околу моторот и погонската спрега стануваат непотребни. Тоа го погодува бизнисот со масло, што им носи главна заработка на сервисите. Кристијансен Груп: „Бизнисот со масло и подрачјата што се поврзани со тоа во изминатите две години падна за една четвртина.“ Данскиот гигант ќе се посвети повеќе на бизнисот со гуми и сопирачки, како и на каросериски поправки.
Уште пред три години, здружението на производители на резервни делови Клепа и консултантите од Роланд Бергер, спроведоа истражување со 250 компоненти и 53 системи од возилата. Тие дојдоа до заклучок, дека ЕВ во споредба со возилата со МВС, донесуваат за околу 30 проценти намален промет, во однос на традиционалните резервни делови.
Експерти препорачуваат сервисите да се преориентираат на вградување уреди, на пример куки за влечење, како и на бизнисот со прибор и изработка по нарачка.
Електричните автомобили сепак отвораат дополнителни можности за заработка. Тоа секако се однесува на поправка на батеријата, односно на замена на дефектните модули. Друга можност за бизнис е проверката на состојбата на батеријата и други делови што се својствени за ЕВ.
Пазарот не се губи, само се менува. Во минатата година, околу 36.000 сервисни работилници во Германија оствариле промет од сервисирање од преку 36 милијарди евра. Тоа се 16,5 проценти од вкупниот промет во браншата.
Долгите гаранции ги задржуваат клиентите во овластните сервиси
Екард Бранденбург, виш консултант во ББЕ Аутомотив, има мошне вредна забелешка: „Сите производители на автомобили ги продолжија своите гаранции на најмалку три до четири години. Со продолжена гаранција се доаѓа и до 8 години. Тоа е одлична можност да се задржат клиентите во сопствените сервиси на производителите.“















