Мерцедес продаде преку половина милион возила во третиот квартал, добро напредуваат и електричните модели

Расте продажбата на Мерцедес-Бенц во Европа, Јужна Америка и на Средниот Исток, но опаѓа во Кина, каде што владее локалпатриотизам за новите премиум марки. Во САД се калкулираше со увозот, пред да се расчисти околу царините.

ЦЛА е првиот модел на германскиот производител што го користи новиот оперативен систем на Мерцедес-Бенц, што е развиен самостојно.
  • Г-Класата и С-Класата, најскапите и најпрофитабилни моделски серии на Мерцедес-Бенц, постигнаа раст од 10 проценти во продажбата во споредба со третиот квартал во 2024 година.
  • Моделите од врвот на понудата учестуваат со 15,4 проценти во вкупната продажба
  • Почетокот на испораката на новиот ЦЛА со погон на струја, донесе голем раст во продажбата на електрични автомобили
  • Во споредба со вториот квартал, ЕВ-моделите ја зголемија својата продажба за 22 проценти, а слично напредуваа и приклучните хибриди
  • Од своите ванови, Мерцедес-Бенц продаде 83.800 примероци во изминатиот квартал; И тука има напредок од 25 проценти во продажбата на електричните модели

Групацијата Мерцедес-Бенц, којашто се состои од матичната Мерцедес-Бенц, Мерцедес-Мајбах, Мерцедес-АМГ, смарт и Мерцедес-Бенц Ванс, во третото тромесечје продаде 525.300 возила. Тоа е за 4% помалку во споредба со вториот квартал. Штутгарт посочува дека таквиот биланс се должи на сменетиот кинески пазар.

Охрабрува тоа што расте продажбата на најскапите моделски серии на светскиот пазар. Со доаѓањето на новата генерација на ЦЛА, којашто во почетокот е достапна само во електрична изведба, драстично се зголеми продажбата на модели со погон на струја. Расте и продажбата на електричните ванови. Во споредба со лани, ЕВ-моделите напредуваа за 9%, односно за 22% во однос на претходниот квартал.

Автомобислкиот огранок испорача 441.500 возила во третото тромесечје. Во изминатиот период се калкулираше со залихите од возила во САД, поради неизвесноста околу царините што ги воведе владата на Трамп. На годишно ниво, испораките во САД сепак се зголемија за 6 проценти во споредба со лани, со 223.800 возила.

Во Кина и натаму се гради имиџ на марка што ја држи вредноста и на сопстениците им се нуди врвен квалитет и најнапредна технологија, за да се направи разлика од домашните производители што масовно навлегоа во луксузниот сегмент.

Во земјата порасна продажбата на најпрестижните моделски серии за 13% во споредба со лани и за 4% во однос на вториот квартал. Мерцедес-Бенц и натаму е водач во пазарниот сегмент над 1 милион ренбимби (близу 121.000 евра).

За двата проценти плус на европскиот пазар во изминатото тромесечје, најмногу придонесоа Германија со растот од 3%, Шпанија (+5%) и Полска (+20%). Покрај тоа, растат и пазарите на Средниот Исток (+33%), Турција (+15%) и Јужна Америка (+45%).

Светската продажба на најскапите моделски серии порасна за 5% во споредба со второто тромесечје, односно за 10% во споредба со истиот период лани, со 67.800 возила. Г- и С-Класата учествуваат со 15,4 проценти во вкупниот пазар.

Една од секои продадени три С-Класи е Мајбах

Продажбата на моделите од С-Класата порасна на 28.300 возила (+9% во споредба со лани). Од секои три продадени С-Класи, една е под знакот на Мерцедес-Мајбах. Одлично врви и пазарот на Мерцедес-АМГ (+6%), вклучувајќи +31% кај АМГ-изведбите на Г-Класата.

На салонот ИАА Мобилност во Минхен, што се одржуваше во втората половина од септември, Мерцедес-Бенц го објави почетокот на најголемата офанзива од нови модели во својата историја. Главен момент беше светската премиера на новиот ГЛЦ, што освен во електрична изведба, понатаму секако ќе се нуди и во изведба со бензински и дизел мотори.

Најпродаваната моделска серија ГЛЦ на марката, стартува заедно со електричните ЦЛА и ЦЛА Шутинг Брејк, како и со идната Ц-Класа, што исто така ќе вози на струја. Во блиска иднина се очекува и кабриолет од Г-Класата.

Претходна објаваНисан преговара со Форд и Стелантис за соработка околу хибриди и ЕВ
Следна објаваЕлектричните автомобили им скусуваат од бизнисот на сервисните работилници

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here