- Хипстер е замислен како автомобил што ќе биде достапен за сите.
- Концептот се заснова врз ниска тежина и едноставна конструкција, за тежина до 800 килограми и досег до 150 километри.
- Хипстер е пример за новата категорија малечки автомобили со ниска цена што треба да ја одобри ЕУ, и којашто се води како „Е-кар“.
Дачиа вели дека концептот Хипстер, на електричен мини автомобил со кутиеста форма, „почнува од празен лист хартија како замисла за популарните електрични автомобили во иднината.“
Хипстер е добар и за намерата на Европската Унија да воведе нова категорија возила под името „Е-Кар“, со којашто ќе се даде поттик за евтини и достапни електрични автомобили, што се произведени во Европа.
Автомобилчето со две врати ја покажува покажува насоката во којашто ќе се движи Дачиа, следејќи го својот пат да биде водач со достапни автомобили, кажа новата извршна директорка на марката Дачиа, Катрин Адт, на настанот за медиуми што на 30-ти септември се одржа во Медон, во близина на Париз. На настанот беше прикажан концептот Хипстер и освежените модели во понудата на романската марка на групацијата Рено.
Хипстер „е нашиот одговор на кризата со мобилноста во Европа,“ изјави Адт во своето прво појавување пред медиумите во својство на извршна директорка на Дачиа. Таа напомена дека автомобилите во последните 15 години стануваа сé поскапи, сé потешки и оптоварени со закони.
Адт е ветеранка од Мерцедес-Бенц и Смарт, а од 1-ви септември е назначена како наследничка на Денис Ле Во, кој долго време беше извршен директор на Дачиа.
Ле Во беше кандидат да го пополни местото на Лука де Мео како извршен директор на целата групација Рено, кој летоска премина во Керинг, за да раководи со луксузната марка Гучи. Тоа место му припадна на главниот стратег Франсоа Прово, а Ле Во си замнина од компанијата.
Хипстер е долг 3 метри, со рамен ветробран, едноставни материјали и проста конструкција. Тоа е точно во духот на Ситроен ду-ше-во (2ЦВ) и на останатите евтини, но привлечни автомобили што имаа задача да постигнат масовна моторизација. Такви беа и Фиат Панда и Мини од првата генерација.

Хипстер се појавува во време кога Европската Комисија е на пат да создаде посебни закони за малечки електрични возила, надоврзувајќи се на идејата од Рено Груп и Стелантис. Комисијата во моментов ги разгледува предлозите и првите заклучоци може да се очекуваат веќе во декември. Тоа е дел од Стратешкиот Дијалог на Комисијата за иднината на европската автомобилска индустрија.
Една од целите на новите закони е на производителите на автомобили да им се овозможи да продаваат малечки ЕВ што се произведени во Европа и чинат 15.000 евра – овозможувајќи им и заработка на производителите. Најдостапен ЕВ од европска продукција во моментов е Ситроен е-Ц3, којшто чини 19.600 евра во Франција, без субвенциите.

Главниот дизајнер на Дачиа, Давид Дуран, кажа дека Хипстер е само концепт, но може да послужи како основа за од него да се изведе сериски модел според идните закони. Возилото е конструирано да биде лесно и едноставно за производство, со пластични каросериски панели и седишта од затегнато платно, место нормални седишта со облоги.
Основата е цевна рамка, не се користи платформа на групацијата Рено, кажа Дуран.
Сличен со електричниот четирицикл Ситроен Еми, кој прво се појави како концепт, Хипстер би се нудел само во една боја, а ќе може да се избира внатрешноста и опремувањето.
Со три метри, Хипстер е 30 сантиметри подолг од Смарт Форту, и 70 сантиметри покус од Дачиа Спринг. Внатре има место за 4 патници, иако се седи рамо до рамо. Со соборени задни седишта, багажникот нуди 500 литри. Напред има место за мал куфер.
Адт кажа дека е логично прашањето, дали Хипстер ќе се произведува. „Развиваме напредна визија,“ кажа шефицата. „Во групацијата Рено ги имаме сите алатки за таа да стане реалност. Будно ќе го следиме пазарот.“
















