На Меѓународниот симпозиум за автомобилски светла, што се одржа во Дармштат, Германија, Опел прикажа прототип на Грандленд опремен со светла, што користат софвер за распознавање на база на вештачка интелигенција (ВИ). Партнер на германската марка на Стелантис во развојот на оваа технологија е Техничкиот Универзитет во Дармштат. Соработката во овој проект почна во 2022 година.
Грандленд поседува систем од камери што распознаваат објекти и движења, заедно со софтвер на база на ВИ, што предвидува како ќе се движат останатите возила и луѓе околу возилото. Намерата е да се покаже пример, како ќе работат светлата кога автомобилот е пуштен да вози самостојно во 3-то или повисоко ниво, кога возачот не го држи воланот и не внимава на патот. Во тој случај, светлата треба да ги предупредуваат возилата и луѓето околу, соопштувајќи дека автомобилот е пуштен да вози автоматски.
„Јасно е дека светлата имаат важна улога во зголемувањето на безбедноста на патиштата – но современите светла се способни за многу повеќе,“ кажува Филип Рекл, шеф за светла на ниво на цел концерн Стелантис.
Логото на Опел во форма на молња во маската е заменето со дисплеј, што прикажува светлечка верзија на логото. Тој дисплеј служи и за комуницирање со останaтите учесници во сообраќајот.
Кога автомобилот се движи автономно според 3-то или повисоко ниво, трепкачите напред и назад светат во синозелена боја (цијан), за останатите учесници во сообраќајот да бидат свесни дека возачот не е активен. Останатите светла продолжуваат да работат во бела боја, вклучувајќи ја лентата по цела ширина на носот. Логото на Опел исто така е бело.
Кога камерите ќе препознаат пешак на патот напред, светлечката лента преоѓа во магента боја, а на местото на логото се појавува крената дланка, што на пешакот му покажува да запре. Во тој момент, возилото почнува да сопира.

Откако ќе запре возилото, лентата и логото се префрлуваат во зелена боја и на дисплејот се појавува фигура на пешак на премин, како знак дека е безбедно за пешакот да премине улица.
Намерно се избрани овие бои. Опел објаснува дека цијан и магента се избрани поради тоа што не се користат во сообраќајот и јасно е кога автомобилот комуницира со останатите учесници.
Пазарот на автомобилски светла со ВИ во 2024 година беше проценет на 12,7 милијарди долари и се предвидува дека секоја година ќе расте по 5,4 пропенти.
















