
Новоназначениот шеф на шведската марка за пазарите во Северна и Јужна Америка има амбициозна стратегија за да ги постигне тие цели.
По четири месеци во служба, Луис Резенде ветува дека продажбата во САД ќе ја зголеми за 60 проценти до 2030 година. Тоа значи дека Волво за тој период ќе ја качи продажбата од 125.243 возила лани, на околу 200.000 возила. Ауди продава толку возила во САД.
Волво има намера да ја зголеми продажбата преку темелно менување на плановите за идните модели. Швеѓаните ќе се префрлат од целосно електрични возила, на хибриди со долг електричен досег, понатаму планираат да ја зголемат продукцијата во САД и да развијат хипер-регионален пристап за набавките, попустите и маркетингот.
„САД не ја гледаме како една земја, туку како 50 различни земји,“ изјави шефот на Волво Карс за американските пазари, Луис Резенде, за Аутомотив Њуз, за време на настанот за медиуми што се организира во Чарлстон, Јужна Каролина.
Иако Волво се откажа од планот по 2030 година да продава само електрични автомобили, планот за новите модели во блиска иднина содржи главно електрични автомобили. Во САД ќе биде тешко да се продаваат електрични автомобили, откако Трамп на 30-ти септември го укина даночното ослободување од 7.500 долари.
Профитабилноста на Волво во САД исто така е под знак на прашање, поради царината од 15 проценти за увоз на возила. Само еден од моделите што Волво ги продава во САД, се произведува локално. Сите останати се увезуваат од Европа.
Волво покрива 5,5 проценти од пазарот на луксузни возила во земјата, но продажбата не е подеднакво силна насекаде. Во Калифорнија и Тексас, шведската марка учествува само со 2,5 до 3 проценти на пазарот.
Волво со тактика за цените и залихите
Профитабилноста годинава ќе биде под голем знак прашање, поради дополнителниот притисок од царините.
Резенде најави тактика околу цените, за да се сочува пазарниот удел на Волво, но и заработката на дилерите. Шефот ќе избегнува „луди работи“ коишто ѝ наштетуваат на марката, како што се попустите.
Тактиката околу залихите ќе се состои во тоа што, на пример, помалку електрични возила ќе се испраќаат во Луисвил, а повеќе во Лос Анџелес, односно ќе се постапува во чекор со посебностите на одредени пазари.
„Не треба да се обидуваме да ја освоиме цела Америка со ЕВ,“ вели тој. „Ако притискате со автомобил што не се продава на некој пазар, тамошниот дилер ќе го продаде со загуба, а јас ќе потрошам многу повеќе (за попусти) за да го постигнам тоа.“
Намерата на Резенде е залихите од возила до завршетокот на годинава да ги скуси на период што ќе трае околу 50 денови, место кај дилерите да се создаваат залихи за 90 денови, како во почетокот на минатово лето.

Волво ќе го зголеми производството во САД на своите најпродавани модели, со цел да се избегнат царините. Кон завршетокот на 2026 година ќе започне производството на Икс Ц 60 во фабриката во Чарлстон, Јужна Каролина, којашто работи под капацитетот.
Волво планира да ја засили продажбата во САД со СУВ-модели
Волво ќе ги отстрани комби-моделите и лимузините што се продаваат послабо, и ќе се посвети на тоа што се бара во САД: СУВ-модели. Место да им се дава предимство на ЕВ, ќе се засили снабдувањето со приклучни и благи хибриди и ќе се отпочне со нивно производство во САД.
Видеото од возењето Волво Икс Ц 90 со приклучен хибриден погон до Охрид
„Клиентите се тие што ќе решат што сакаат да купат од нас,“ вели Резенде. „Нема ние да им кажуваме што треба да купат тие.“
Се менува и стратегијата околу рекламирањето. Место да се приспособуваат шведските реклами, ќе се создава содржина што е наменета за одредени региони. Тоа значи дека во Калифорнија ќе се гледаат различни реклами, отколку во Тексас или Флорида.
Резенде очекува дека продажбата во САД до завршетокот на деценијава ќе достигне удел од 8,5 проценти на пазарот на луксузни возила.
„Имаме висока лојалност – кога некој вози Волво, купува Волво,“ објаснува шефот. Резенде е убеден дека за растот ќе бидат доволни 279-те дилерства во земјата, коишто во просек продаваат по 350 возила годишно.















