Тоа што почна со голема свеченост и масовна посетеност во минатата сабота, на 27-ми септември, на плоштадот Јадран во Скопје, доцна попладнево ќе биде крунисано со поздравување на скапите и чувани олдтајмери пред хотелот Хилтон во Скопје. Бахус Класик Кар Рели беспрекорно го мина своето крштално издание, сите очекуваат продолжение в година.
Немаше сомневање дека релито Бахус ќе биде организирано врвно, сепак станува збор за тимот Стефановски-Петровски, што ги донесе Џентменс Рајд и Драјв во Македонија, и организираше бројни други настани од авто и мото сцената во изминатите преку 20 години. Бахус Класик Кар Рели е сопствен проект на Игор Стефановски – Ила и Благоја Петровски, којшто го враќа духот на релито, што бил присутен во Македонија уште во 1960-те години, па и во следните неколку децении.
Дваесетина олдтајмери, или поверно е да се каже јангтајмери, стартуваа во неделата наутро од Скопје и понатаму продолжија по Винскиот Пат низ Макеоднија, па во Грција, до Халкидики. Потоа следеше враќање по друга рута, нагоре до Битола, па Охрид, Маврово, и назад до Скопје. Шест денови возење и преку 1.000 километри, со посета на историски знаменитости, винарии, повеќевековни манастири.
Тимовите пристигнаа од десетина западноевроипски држави и од САД, со бројни олдтајмери што првпат се донесени на овие простори. Како што најавува организаторот, денес на 2-ри октомври, во 17.30 часот, возилата ќе бидат изложени пред хотелот Хилтон во Скопје, за јавноста да може да посведочи на овој важен настан, не само за автомобилската култура во Македонија, туку и за промоцијата на земјата.
Од искуствата од првиот Бахус Класик Кар Рели и од тоа што ќе допре пошироко до европската, па нека биде и светската сцена на олдтајмерите, преку искажувањата на релистите/олдајмеристите, сликите, видеата, за очекување е дека релито ќе продолжи и в година, во уште помасовен обем. Впрочем, тоа се случи претходно до Џентлменс Рајд и Драјв.
Како што порачуваат организаторите во денешното соопштение, „вакво меѓународно рели од премиум ранг се одржува за првпат на овие простори. Целта на организаторите беше да се прикаже земјава како нова дестинација за релија од овој тип и да се промовира државата како туристичка атракција.“
Понатаму во соопштението се наведува дека релито е впишано во календарот на Светската асоцијација на историски возила (FIVA), којашто обединува повеќе од 2,5 милиони љубители на олдтајмери од повеќе од 70 држави. Во календарот на (FIVA) има околу 20 настани од овој тип, а Бахус класик релито е едно од нив.
Повеќе за релито https://www.bacchusclassic.com/
Да ги поздравиме учесниците на привот Бахус и да им честитаме попладнево во 17.30 часот пред хотел Хилтон.
















