Тоа го најави директорот за продажба Матијас Гајзен во разговор со Аутомобилвохе: „Врз база на нашата нова платформа ММА, по ЦЛА планираме и други модели. Верувајте ми: На подолг рок ќе има модел за влез во светот на Мерцедес-Бенц.“
Производителот на марката со сребрената ѕвезда претходно соопшти дека тековната генерација на А-класа ќе ја остави во производство до 2028 година, што значи дека моделот ќе опстојува десет години на пазарот. Првичните планови за моделот што е мошне баран во Европа беа А-класата во оваа генерација да се произведува до 2026 година.
Ценовникот за сегашната А-Класа почнува од околу 34.000 евра во Германија, и тоа е најдостапниот модел со ѕвезда. Наспроти тоа, новиот ЦЛА во електричната изведба на тамошниот пазар чини 55.900 евра, додека моделот со благ хибриден погон, што ќе стартува подоцна, чини најмалку 46.500 евра.
Можно е како основа да се користи постоечки СУВ
„А-класата ни е мошне важен модел и ужива висока побарувачка. За да избегнеме празнина, го продолживме моделскиот век,“ вели Гајзен.
Наспроти тоа, производството на Б-класата ќе престане в година, како што е беша планирано. Шефот Ола Калениус сакаше да ја насочи понудата кон скапи возила. Тој сега ја смени својата стратегија.
Гајзен не открива каков ќе биде идниот појдовен модел на Мерцедес-Бенц. Постојат гласини дека ќе се користи постоечки СУВ-модел, којашто ќе претрпи измени и ќе има подостапна цена, место да се развива нова моделска серија.
Следни модели врз платформата ММА, по ЦЛА и ЦЛА Шутинг Брејк, ќе бидат ГЛБ и ГЛА во следните две години. Тие се меѓу најпродаваните модели во понудата од компактни автомобили на Мерцедес-Бенц.

Марката останува достапна
Меѓу партнерите на Мерцедес-Бенц веќе подолго време кружат гласини, според коишто марката планира нов појдовен модел. Посебно дилерите што се подалеку од големите градови, стравуваат дека ќе им се смали продажбата откако ќе си замине А-класата и подолго време притискаат да се воведе нов појдовен модел.
Одлуката на раководството за нов појдовен модел ќе им значи многу на тие дилери. Иако добивката во тој сегмент на возила е пониска отколку кај поскапите возила, појдовните модели, каква што е А-класата, сепак се важни за рентабилноста на фабриките и за продукцијата.
Покрај тоа, овие модели се достапни и за клиенти со нормални примања и со тоа помагаат за млад круг купувачи да се привлече кон марката. Тоа го потврдува Гајзен: „Бројни наши клиенти, преку А-класата, уште рано се поврзуваат со нашата марка.“
Голема моделска офанзива
Во 2024 година, Мерцедес-Бенц продаде 534.800 возила од компакт класата, каде што освен А-класата, спаѓа уште Б-класата. Во Германија, од вкупно продадени 257.900 автомобили со знакот на Мерцедес-Бенц, 17.400 се од А-Класата.

Планираниот појдовен модел е дел од поголемата моделска офанзива од Штутгарт. Мерцедес-Бенц пред десетина денови првпат го прикажа новиот ГЛЦ, за време на салонот ИАА во Минхен. По електричната изведба, наскоро ќе следи и изведба со вообичаени бензински и дизел мотори, а веројатно и хибриди. ГЛЦ со години наназад е најпродаван Мерцедес-Бенц.
„Во следните две години донесуваме преку 40 нови модели. Досега сме немале толку голема офанзива од модели. Нашите автомобили ќе постават нови стандарди во своите категории,“ вели Гајзен.
















