Директори од европската индустрија на електрични автомобили се упатија кон северосточните краеви на континентот, што одвај се населени, во потрага по нешто што тие се надеваат дека ќе го најдат на друго место, освен во Кина. Тоа се ретки минерали од земјината кора, што се користат за изработка на магнети и се клучни за електричните автомобили.
Во Нарва, индустриски град во Естонија, што истоимената река го двои од Русија, канадската компанија Нео Перформанс Материалс изгради фабрика за магнети вредна 75 милиони долари, што свечено беше пуштена во работа на 19-ти септември. Оваа фабрика во почетокот ќе испорачува компоненти за најмногу 1 милион автомобили годишно.
Пуштањето во погон на фабриката е од голема важност, додека производителите на автомобили го качуваат производсвото во оваа критична фаза од енергетската пресвртница на Европа. Фабриката во Естонија е шанса за производителите да си го осигурат снабдувањето, во свет на затегнати трговски односи, коишто меѓу другото се однесуваат и на Кина и нејзините ретки минерали.
„Ова е најважниот проект за критични материјали, што се одвива денес во Европа“, кажа извршниот директор на Нео, Рахим Сулејман, во интервју пред отворањето на фабриката.
Во текот на годинава се покажа колку е повредлива Европа, и целиот свет, кога Пекинг во април воведе строго ограничување на извозот на дел од своите ретки минерали. Повод за тој чекор беше одлуката на претседателот на САД, Доналд Трамп, да воведе казнени царини за кинеска стока.
Фабриката на Нео во Естонија произведува магнети од неодиум, производ чијшто извоз Кина го ограничи драстично. Магнетите ја претвораат електричната енергија што се чува во батеријата во движење, што понатаму се претвора во ротирање на погонските тркала на електричните автомобили. Тие имаат најширок спектар на примена, од паметни телефони, до ветроелектрани и млазни турбини на борбени авиони.
Видеото од тестот на електричен Донгфенг Бокс во Аутомедиа
Форд во текот на годинава мораше цела седмица да го прекине производството на својот електричен модел Експлорер во Чикаго, поради недостигот од ретки земји (стручно лантаноиди) за изработка на магнети.
Во своите 10 фабрики ширум светот, вклучувајќи ги САД и Кина, Нео произведува и хемикалии и метали. Компанијата во почетокот на 2022 година реши да гради нова фабрика во Естонија, по само неколку месеци откако рускиот напад врз Украина ја поремети европската економија. Нео успеаја на време да ја завршат изгбрадбата и со планираниот буџет, каќа Сулејман.
„Освен Нео, на Западот не постои друг капацитет за производство на магнети за погонски електромотори за електрични автомобили“, изјави Мартин Волф, аналитичар во Парадигм Капитал, на 12-ти август.
Фабриката во почетокот ќе произведува 2.000 тони магнети годишно. Тоа е една десетина од побарувачката во Европа. Фабриката ги набавува суровините од Австралија.
Нео потпиша повеќе договори со важност од пет до седум години, во вредност од 50 до 100 милиони долари, кажа Сулејман, дополнувајќи дека првите големи испораки ќе почнат во 2026 година.
„Побарувачката на клиентите е до кров“, вечи Сулејман.
Меѓу купувачите е германскиот добавувач Шефлер, објави претходно Ројтерс. Другите поголеми клиенти ќе бидат соопштени на 19-ти септември, на настанот во Естонија.
Нео планираат да го зголемат капацитетот тројно, по проширувањето што би почнало во 2027 година. Компанијата на тој начин ќе одговори на огромната побарувачка од страна на европските производители на автомобили, коишто се префрлуваат на електрични автомобили, пред да стапи забраната за продажба на нови автомобили со мотори со внатрешно согорување во 2035 година.
Иако постојат знаци дека директивата на ЕУ ќе се разводни, неоспорно е дека автомобилската индустрија продолжува да се движи во насока на електричните автомобили.
БМВ, групацијата Фолксваген и Мерцедес-Бенц, сите до еден излегоа со нови електрични модели на салонот ИАА во Минхен, што заврши во минатата седмица. Со овие модели, европските производители ќе се бранат од сé посилниот напад од кинеската конкуренција.
Трговијата со магнети ќе биде една од најжешките теми на преговорите меѓу Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг, коишто треба да одржат средба кон завршетокот на октомври, за време на конгресот на Азиско-Пацифичката Економска Соработка во Јужна Кореја.
Иако Кина неодамна ги попушти стегите околу извозот на ретки земји – извозот во август достигна рекордно месечно ниво, од 2012 година наваму, откако се води евиденција за Кина – намерата на Пекинг да ја злоупотреби својата доминација на пазарот, ги наведе западните компании да побараат алтернативни извори.
Џенерал Моторс во минатиот месец потпиша договор со Новеон Магнетикс, со седиште во Тексас, за да ја осигури набавката на ретки земји за магнети, за своите големи пикапи и СУВ. Покрај договорите со МП Материјалс од Лас Вегас и Е-Вак Магнетикс, огранок на германски Вакумшмелце во Јужна Каролина, Џенерал Моторс планира главнината од ретки земји за магнети да ја набавува од домашни извори.
МП Материалс, единствен рудник за ретки земји во САД, ќе располага со поголем капацитет од Нео, со план за производството да започне до завршетокот на годинава. Компанијата ќе опслужува и клиенти како Епл, и има планови, со фондовите од Пентагон, да изгради фабрика заради зголемување на продукцијата.
Нео прв го проби ѕидот, на задоволство на Канада и ЕУ.
Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, за време на средбата на Г7 во јуни во Кананаскис, во западна Канада, покажа магнет од фабриката на Нео во балтичката земја. Канадскиот премиер Марк Карни, за време на свој говор, високо подигна магнет, горд на „непроценливиот потенцијал“ на неговата нација како снабдувач со ретки земји.
















