Европскиот автомобилски пазар порасна 4,5% во август, но годишната продажба не мрда

Во август во Европа беа регистрирани за 4,5 проценти повеќе нови автомобили отколку во истиот месец лани. Продолжува да расте побарувачката за батериски електрични автомобили и хибриди.

Ситроен Ц3 помогна француската марка во август да ја зголеми продажбата за 32 проценти. Целиот концерн Стелантис напредуваше 3,9 проценти.

На годишно ниво, пазарот ја задржи динамиката од лани, со раст од 0,3 проценти и продадени 8.703.088 возила во првите осум месеци.

Првичните податоци што ги објави Датафорс, се однесуваат на обработени 97 проценти од продажбата во ЕУ, ОК и Швајцарија, Норвешка и Исланд.

Резултатите за август, којшто по традиција е меѓу месеците со најниска продажба, во голема мерка се продолжение на пазарните движења во јули, кога продажбата беше зголемена за 5,5 проценти. Пазарот во целина се движи во позитивна насока, со вкупен раст од 0,1 процент до јули.

Продажбата на електрични автомобили е поттикната од построгите закони за ЦО2

Продажбата на целосно електрични автомобили во август напредуваше 26 проценти, исто колку што изнесува и растот за првите осум месеци. Кај приклучните хибриди има раст од 56 проценти на месечно и 28 проценти на годишно ниво.

Построгите норми за емисијата на ЦО2 за 2025-2027 година им донесоа нов залет на електрифицираните возила годинава. Продажбата на полни хибриди во август порасна 7,4 проценти.

На батериските електрични автомобили им припаѓаат 20 проценти од августовската продажба, на полните хибриди 12 проценти и на приклучните хибриди 10 проценти. Производителите на автомобили мораат да постигнат удел на батериски електрични автомобили од барем 20 до 25 проценти, за да ги исполнат барањата на ЕУ за смалување на емисијата на ЦО2.

Видеото од тестот на Ситроен Ц3 Еркрос во Аутомедиа

Кинеските марки се меѓу добитничките во августовската продажба

Меѓу големоволуменските марки што постигнаа повисок раст во август се кинескиот Би Уај Ди, со 230 проценти во плус и продадени 10.498 возила, Купра со 53 проценти раст и 18.801 продажби и Мини, чијашто продажба имаше раст од 46 проценти, со продадени 10.651 возила.

По групации, кинеските производители имаат најголем скок, при што најмногу се издвојуваат Би Уај ДИ, со раст од 230 проценти и марките Омода и Џејку со 471 проценти раст и 7.094 продажби. Европските производители ги предводи групацијата БМВ со 13 проценти раст, Рено со 8,5 проценти и Форд со 4,9 проценти.

Стелантис покажува знаци дека е забавен падот во продажбата во Европа, со зголемување од 3,9 проценти во август. Најдобар месец од сите марки на Стелантис имаше Ситроен, со раст од 32 проценти во август. Заслугата за тоа ја има новиот Ц3, чијшто производствени погони сега работат со полн капацитет.

На годишно ниво, Стелантис сепак останува во пад од 6,6 проценти. Новиот извршен директор вети дека ќе заврти сосем нов лист, почнувајќи со раст во продажбата и прометот.

Тој и останатите директори на Стелантис посочија на новите модели за Европа, а посебно на моделите врз платформата Смарт Кар, како Ситроен Ц3 и Ц3 Еркрос, Опел Фронтера и Фиат Гранде Панда, коишто се клучни модели за пресвртницата.

Марките со голем пад се Мицубиши, со 31% во минус и продадени 2.125 возила, ДС на Стелантис со 26% пад и 1.396 возила, како и Тесла, со 23 проценти во минус и 14.357 возила.

Меѓу групациите што не се придружија на трендот во август се Џили, чијашто продажба опадна за 13 проценти, потоа Нисан со 6,2% пад и Тојота, со намалување од 2,6 проценти.

Претходна објаваЕвропски производители се втурнаа по фабриката за ретки минерали во Естонија
Следна објаваСтелантис тестира поевтини батерии за електрични автомобили, што се полнат побрзо

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here