Киа К4 е замена за Сид, доаѓа од Мексико и оди класа погоре

На важното место на Сид во понудата на Киа доаѓа ново име К4, но доаѓа и класен напредок. Поставена меѓу компакт и средна класа, Киа К4 оди во насока на Шкода Октавија.

Со најавата за почнувањето на продажбата на К4 в година, Киа не само што го смени името на својот компактен модел, туку и местото на производство. К4 доаѓа на местото на Сид, и за разлика од компактот што се произведуваше само за Европа во словачката фабрика во Жилина, тој сега е светски модел и се произведува во фабриката на Киа во Мексико.

Киа ќе почне со испорака на К4 на европскиот пазар во почетокот на 2026 година. Моделот првпат се појави пред јавноста во март 2024 година, на салонот за автомобили во Њујорк. Европската фабрика во меѓувреме го смени своето портфолио. Во Жилина во иднина ќе се произведува електричниот пандан на К4, а тоа е ЕВ4. Таму наскоро ќе се приклучи и достапниот електричен модел ЕВ2.

Класични погони, малку електрификација

Изгледот на К4 се движи во насока на електричните модели на Киа, со впечатливи светла. Моделските серии што се на половина од својот производствен век, исто така се префрлија на новиот изглед, од Соренто и Пиканто, до Спортаж, којшто неодамна имаше премиера во Македонија во новото моделско годиште.

За разлика од пазарите во Северна Америка, коишто досега ги опслужуваше фабриката во Мексико, Киа К4 во Европа ќе се нуди само во комбилимузинската форма, додека лимузината останува за пазарите од другата страна на Атлантикот, каде што е повисока побарувачката за таква каросериска форма.

Компактот со должината од 4,44 метри е пораснат 12 сантиметри во однос на Сид. Додека во изгледот на Сид се негуваше елеганција и отмена ненападност, стилот на К4 се движи во сосем друга насока, и оддава моќност и самоувереност.

Под хаубата ќе работат бензински мотори со моќност од 115 до 180 КС, со зафатнина од 1,0 литар, односно 1,6 литар. Предвидени се вкупно четири погонски изведби, дел од нив се благи хибриди, но основната варијанта и натаму работи класично, со мануелен менувач, без каква било електрификација. Подоцна во 2026 година ќе бида додадена и изведба со полн хибриден погон. Приклучен хибрид засега не се спомнува.

Корејскиот производител не објави податоци за перформансите и потрошувачката, исто како и за цената. Според примерот со моделското освежување на Спортаж, којшто со збогатена опрема и освежен дизајн чини околу 10 проценти над претходникот, може да се очекува слично зголемување и кај К4 во однос на Сид, иако останува голема резерва, затоа што се работи за значително поголем автомобил.

К4 е од стратешка важност за Киа

К4 има голема стратешка важност за Киа. Таа треба да ги освои купувачите во компакт класата, кои уште не се решени за електричен погон, меѓутоа пак сакаат да имаат нова технологија во својот нов автомобил.

„Со К4 покажуваме дека нашите модели можат да понудат динамичен изглед, иновации и иновативни технологии, независно од видот на погонот,“ кажува Сјорд Книпинг, оперативен директор на Киа во Европа.

Кокпитот изгледа чисто, бирачот на автоматскиот менувач е масивен

Современа техника и многу простор

Меѓу техничките посебности, покрај најновата генерација на инфо-забавниот систем и говорниот асистент што користи ВИ, спаѓа и можноста софтверот во возилото да се обновува по пат на податочен облак, исто како кај телефоните. Системите за асистенција кај Киа уште одамна не оставаат пропуст, уште откако новиот Соренто воведе нови стандарди за тие помагачи за безбедност и комфор, што се неизоставни од денешните автомобили.

Видеото од презентацијата на новата Киа Спортаж

Поздрав од пазарите во Северна Америка во изгледот на кокпитот е масивниот бирач за автоматскиот менувач. Кокпитот во целина изгледа мошне средено и прегледно. Киа ветува многу простор во кабината, а за багажникот сведочи зафатнината од 438 литри. За споредба, Голф нуди 381 литри, но и покус е 15 сантиметри.

Претходна објаваОпел ги објави македонските цени за Фронтера, изненадува електричниот модел
Следна објаваЕвропски производители се втурнаа по фабриката за ретки минерали во Естонија

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here