Стелантис напаѓа во делот од пазарот кадешто купувачите се најпребирливи, односно се бара колку е можно повеќе автомобил за парите. Токму тоа и го нуди новата генерација на Опел Фронтера, модел со познато и ценето име во историјата на германската марка. Место модел од средна класа, Фронтера сега е основен СУВ модел во гамата на Опел.
По големата премиера на Грандленд, како врв во понудата на марката со молњата, сега следи заокружување на понудата од СУВ-модели од долу. Тоа воопшто не значи дека Фронтера е малечок или ограничен автомобил во своите можности. Со 4,4 метри должина, Фронтера е претставително парче автомобил и функционално возило.
Еуроимпекс ги објави цените за новата Фронтера. Ценовникот почнува од 23.280 евра, што е далеку од главниот конкурент, но и соиграч од концернот Стелантис, Цитроен Ц3 Еркрос, чијшто старт е под звучните 20.000 евра. Германската марка сепак стартува со второто ниво на моторизација, односно со 1,2-литарец со 48-волтен благ хибриден погон и 6-степен автоматски менувач со двојна спојка. Оттаму и разликата во цените.
Благиот хибрид се нуди во две изведби на моќност, основната со 100 КС на бензинецот и 21 КС на електромоторот, што произведува системски 110 КС, и втората со моќност на моторот од 136 КС, со истиот електромотор, односно со системски 145 КС.
Предноста на овој хибриден погон на Стелантис наспроти обичните верзии со 12-волтен стартер-генератор што е поврзан со коленастото вратило преку ремен, е во тоа што електромоторот е вграден во самото ѕвоно на менувачот, и со тоа се овозможува Фронтера да поаѓа и да мине неколку стотини километри во чисто електричен режим. Тоа се покажува во потрошувачката, а електрификацијата воедно ја зголемува и комоцијата во возењето.

Посилната изведба со 145 КС, со истото ниво на опременост Едишн, чини 24.200 евра, односно 920 евра повеќе од верзијата со 110 КС.
Постои и второ ниво на опременост, спортското ГС, каде што цените се 25.890 евра за 110 КС и 26.820 евра за 145 КС. Во вториот случај, разликата во цената со нивото Едишн изнесува 2.620 евра. За таа дополнителна сума се добиваат автоматски клима уред, паркинг сензори напред и назад, заедно со камера, безжичен полнач, затемнети задни стакла, потпирач за рака напред, навигација, собирање на ретровизори, тркала од лесен метал од 17 инчи и уште две дузини ставки.
Едишн уште во старт нуди повеќе од основно ниво, односно доаѓа со камера за брзинско ограничување, предупредување при опасност од судир, систем за задржување во лента, паркинг сензори назад, дигитални инстурменти, клима уред, електрична паркирна сопирачка, сензор за дожд и уште бројни ставки.
Големо изненадување е цената на електричниот модел, иако тоа беше и целта со развојот на платформата Смарт Кар. Ретки се електричните модели чијашто цена почнува со двојка, покрај Донгфенг Нами Бокс, којшто патем стартува од 22.000 евра, меѓутоа Опел Фронтера е СУВ и поголема е: Тоа значи 28.160 евра за ниво Едишн и 30.280 евра за нивото ГС. Втората опција кај електричната Фронтера е големината на батеријата.
Додека стандардната изведба постигнува досег од 305 километри, со батеријата од 44 кВч, изведбата со продолжен досег, односно со батерија од 54 кВч, вози до 408 километри. Разликата во цената за изведбата што вози подолго е 1.820 евра за нивото Едишн. Тоа е релативно мала разлика, но има и причина за тоа: Додека стандардниот модел користи литиум-јон батерија, тука работи литиум-железо-фосфат (ЛФП). „Хемијата“ во вториот случај е поевтина, без тоа да влијае врз перформансите, и тоа е видот на батерија што ѝ даде нов поттик на браншата да продолжи во насока на електромобилноста.
Гаранцијата за батеријата е 8 години или 160.000 километри и различно од лаичките толкувања, не значи дека по 8 години батеријата веднаш ќе откаже, туку производителот гарантира дека по 8 години ќе се задржат најмалку 75 проценти од капацитетот. На познавачите на техниката тоа одамна им е познато.
Може да се избира меѓу дополнителни три пакети, сите со цена од 1.000 евра, со нагласок или на комфор, или на технологија. Портокаловата металик боја е заштитна боја и верно на традицијата на Стелантис, не се доплаќа за неа.
Седум седишта се достапни кај ГС, третиот ред чини 830 евра.
Наскоро треба да стартува и третиот член во семејството СУВ врз платформата Смарт Кар на Стелантис, Фиат Гранде Панда.
















