Киа Спортаж влегува со водство во второто полувреме

Моделското освежување на Киа Спортаж е една од најважните новини годинава, како најпродаван голем СУВ во првото полугодие, но и редовно како најпродаван модел воошто на македонскиот пазар.

Изглед што е сменет во чекор со новите модели на Киа, чувство на луксуз во кабината и поврзување преку мобилната апликација Киа Конект, се неколку од клучните новини со коишто Киа Спортаж влегува во втората половина од моделскиот век.

Во салонот на Премиум Брендс за марката Киа, којшто повеќе е како храм за марката, отколку простор за прикажување на автомобилите пред купувачите, во петокот на 12-ти септември се одржа една од најважните премиери на Киа во оваа и во следната година. Една од најважните, затоа што веднаш по прикажувањето на новото моделско годиште на Спортаж, следеше и театралното симнување на велот од вториот важен новитет, од електричниот ЕВ3.

За Спортаж уште одамна важи дека е самиот е марка во марка. Тој е најпродаван модел на корејската марка во светот, во Европа, и тоа што е видливо уште на улица, најпродаван и на македонскиот пазар, со генерации наназад. Единствен пазар каде што Спортаж не е прв, тоа е Јужна Кореја. На домашниот пазар на марката, купувачите ја сакаат Киа во најлуксузното светло, како Соренто и како Карнивал.

Промените во новото моделско годиште на Киа Спортаж донесоа преден и заден дел во стилот што прв го воведе најпрестижниот електричен модел во гамата, ЕВ9, а којшто потоа го презедоа и ЕВ6, Соренто, Пиканто, во своите фејслифти. Новини има и во изработката на внатрешноста, во опременоста, во системите за безбедност и во конективноста, како подрачје што стана неразделно од новите автомобили.

„Сето тоа што го нудиме, секогаш го имаме на располагање“

Трите различни моделски изведби што беа прикажани на премиерата, воедно го прикажуваат и пристапот на Премиум Брендс. „Остануваме доследни на принципот на работа којшто го практикуваме од самиот почеток. Сето тоа што го нудиме, секогаш го имаме на располагање“, кажа генералниот директор на Премиум Брендс, Владимир Билбилов.

Киа Спортаж во новото моделско годиште е достапна во стандардно ниво Концепт, во средно ниво Ултимејт и во највисокото ниво ГТ-Лајн. „Ние со нашето дистрибутивно ниво на работење, од секојпат влијаевме со нашиот тим за Киа, да направиме пакетите секогаш да бидат најконкурентни и најинтересни за нашите клиенти во Македонија. Дистрибутивното ниво ни дозволува да ги составуваме пакетите по наш избор. Затоа Киа секогаш била интересна, била различна од другите, меѓутоа клиентите ни возвраќаат за тоа со големо задоволство и со голема доверба во нас,“ посочи Билбилов на еден од темелите на долготрајниот и впечатлив успехот на Киа на македонскиот пазар.

Новиот изглед јасно ја двои Спортаж од моделите пред фејслифтот, со светла во препознатливата „ѕвездена шема“ што е обележје на секоја Киа. Вакви радикални зафати се покажаа делотворни, затоа што Спортаж и претходно имаше различна форма на светлата и тоа им се допадна на купувачите. Целиот нос е сменет, вклучувајќи ја маската, што сега е повпечатлива, а соодветно е сменет и дизајнот на браникот.

Истите промени се случуваат и назад, со светла што добија различна светлечка шема, но и со нова форма на вватата на багажникот, којашто е повеќе заоблена нанадвор. Истиот зафат на тимот на главниот дизајнер Кариб Хабиб е применет и кај фејслифтот на Стоник, што исто така ќе се појави наскоро за својата премиера во Премиум Брендс.

Покрај промените во изгледот, „сите изведби имаат технолошки надградени компоненти, коишто всушност го прават возилото уште побезбедно, уште пофункционално, уште поеколошки прифатливо во однос на претходната генерација,“ посочува директорот за обемот на промените кај новиот Спортаж.

„Правајќи анализа, ние Премиум Брендс, Киа Македонија, знаеме каде е најголемиот интерес на клиентите и таму внесовме најмногу внимание“, кажува Билбилов за пристапот во составувањето на спецификацијата на новиот Спортаж за нашиот пазар. Уште во стандардното ниво се добива сјајно лакирана црна маска напред, што повеќе не е привилегија само на поскапите модели, а има новини и во системите за асистенција, со предупредување за возило во мртов агол, што исто така е стандард уште во нивото Концепт.

Во поглед на понудата од погонски единици, разликата од претходниот модел е во тоа што место 160 КС да бидат стандард во целата гама на Спортаж, сега моделите со преден погон располагаат со 150 КС, додека кај погонот на сите тркала се добиваат екстра 30 КС, односно 180 КС. Хибридите доаѓаат в година, едниот во изведба на полн хибрид со 1,6-литарец и 150 КС, со батерија од 1,49 кВч и електромотор со моќност од 64 киловати, односно 87 КС. Хибридот се произведува во изведба со преден погон или со погон на сите тркала, во двата слиучаи со 7-степен автоматски менувач со двојна спојка. Системската моќност изнесува 239 КС, потрошувачката според фабрика изнесува 6,0 литри на сто километри.

Втората електрифицирана изведба ќе биде приклучен хибрид, подробностите за техниката ќе бидат објавени при премиерата на оваа моделска изведба в година.

Спортаж се произведува и во изведба со дизел мотор со 136 КС, меѓутоа менаџерите на Киа посочија дека поради стандардот на дизел горивото на македонскиот пазар, решено е таа погонска изведба да не се нуди.

Големата тура на Аутомедиа, дали Киа Стоник е најдобриот избор до 20.000 евра

Во поглед на цените, Киа Спортаж Концепт во изведбата со 7-степен автоматски менувач со двојна спојка, во новото моделско годиште чини 32.900 евра, вклучувајќи промотивен попуст од 1.500 евра, од редовните 34.400 евра. Стандардниот модел ќе се нуди и во изведба со мануелен менувач. Таа изведба не беше изложена при премиерата, меѓутоа од примерот со претходникот би можело да се очекува таа изедба да биде околу 30.000 евра.

Пред фејслифтот, изведбата Концепт со автоматски менувач чинеше 30.300 евра, што значи дека разликата во новото моделско годиште, вклучувајќи ги стилските промени и дополнителните ставки во опременоста (сјајни каросериски детали, поголеми тркала и системи за безбедност), изнесува под 10 проценти, што е мошне фер понуда.

Електричниот ЕВ3 привлече купувачи уште пред да се појави во салон

Големо изненадување беше и стартот на продажбата на целосно електричниот ЕВ3, со којшто Билбилов го најави доаѓањето на новиот бран модели на Киа со погон на струја, коишто се во ценовно подостапниот сегмент, во споредба со спортскиот и престижен кросовер ЕВ6 и со СУВ-седумседот ЕВ9.

Цените за ЕВ3, којшто навистина постигна огромен успех на пазарите коишто се повеќе освестени околу електричниот погон и фактички е заслужен за растот на продажбата на ниво на марка, додека европскиот пазар генерално е во пад, ќе бидат објавени неделава.

Охрабрувачка вест за електромобилноста е тоа што неколку примероци од Киа ЕВ3 се веќе нарачани, од страна на фирми, што „очигледно ги имаат осознаено предностите на електричниот погон“, кажа Билбилов на премиерата. Киа Македонија има големи очекувања во овој модел, што е 7-ми најпродаван електричен модел на европскиот пазар до јули, со 40.777 примероци, веднаш по Шкода Елрок и пред Рено 5 Е-Тек.

Киа ЕВ3 секогаш користи електромотор со моќност од 150 кВ/204 КС, разликата е во големината и хемијата на батеријата. Со 58,3 кВч, електричниот СУВ со просторност колку Сид, постигнува досег до 436 километри, додека со батеријата од 81,4 кВч, следи автономија од 605 километри. Полнењето на обичен полнач трае околу 5 часови со помалата батерија, со тоа што Билбилов најави дека Киа работи за пропусната моќност да се зголеми на 22 кВ и со тоа да се преполови полнењето, односно истото да се сведе на два и пол часови, на „обичен полнач!“ напомена менаџерот. Наспроти тоа, на брз полнач, со моќност од 128 кВ, полнењето до 80% трае само 31 минута.

Двата модели, Спортаж 2026 и ЕВ3 се веќе достапни и за пробно возење, менаџментот ги повикува заинтересираните купувачи да ги пробаат новите модели на Киа.

Претходна објаваФолксваген заштеди 600 милиони евра при развојот на новите електрични модели
Следна објаваКинески ГАЦ и Шаопенг почнаа да произведуваат автомобили во Австрија

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here