
Според статистиката со којашто располага Европската Комисија, во Словенија на завршетокот на првото полугодие од 2025 биле регистрирани 20.612 чисто електрични автомобили. Нив им стојат на располагање 2.500 стандардни и брзи полначи. Еден од најпродаваните автомобили е кинескиот Донгфенг Бокс, достапен и во Македонија. Но, разликата!
Батериските електрични возила во Словенија одвај сочинуваат 1,5 процент од вкупниот број на патнички и доставни возила во земјата. Но, словенечката политика очигледно нема намера да запре тука.
Субвенцијата од 7.200 евра, за електрични автомобили со цена до 35.000 евра (6.500€ суб. до 45.000€ итн), а згора на тоа и целосното ослободување од ДДВ при купување службено електрично возило, при негово сервисирање и купување резевни делови, секако дека е делотворна.
Во првата половина од 2025 година, купени се 3.294 батериски електрични авотмобили. На тоа се надоврзуваат уште 1.238 приклучни хибриди, за чијашто набавка државата сепак не одвојува од буџетот.
Меѓу бројните изненадување е составот на најпродаваните модели со електричен погон. По двете Тесли, по европскиот шампион Фолксваген ИД.4 и Купра Борн, следи една познајничка од македонскиот пазар, Донгфенг Бокс. Меѓу десетте најпродавани се вбројуваат уште Пежо е-208, Рено 5, Шкода Елрок и Фолксваген ИД.7.
Токму овој состав укажува дека словенечкиот пазар на електрични автомобили е зрел и не се сведува на една или две марки, што се „заинатиле“ да го пробиваат електричниот погон на пазарот. Сите модели, освен Купра и двете Тесли, се присутни во матичната дистрибутерска мрежа во Македонија.

Пријатно изненадување е напредокот со изградбата на мрежа од станици за полнење. Додека алипноста на македонската држава кон електричниот погон ја уништи смислата на секаква инвестиција, вклучувајќи ги полначите на ЕВН што десет години буквално зјаат празни, Словенија напредува. Во 2020 година, во земјата имало 293 обични полначи (АЦ) и 70 брзи полначи (ДЦ). Пет години подоцна, нивната бројност достигнала 1.989, односно 519 полначи.

Електромобилноста е последната тема што деновиве ја засега македонската држава, но од стручно гледиште, ова тотално игнорирање на електромобилноста не може да се протолкува поинаку, освен како страв. Божем државата ќе се распадне и луѓе одеднаш ќе почнат масовно да купуваат коли на струја, доколку се воведат субвенции за електрични автомобили, но и бројни погодности, што ќе им го полираат имиџот на возилата, и тоа што сепак е најважно, на сопствениците на електричните возила. А, тоа значи, не само субвенционирање, туку и ослободување од ДДВ, бесплатно паркирање, ослободување од патарина, формирање заштитени зони во јадрото на градските центри, во коишто ќе биде дозволено да се пристапи само со автомобили со нулта емисија на штетни материи. Така тоа функционира во светот, а очигледно е дека Словенија на илјада километри оттука, веќе одамна е „светот“.
Најновиот електричен автомобил на македонската сцена, Рено 5 на тест во Аутомедиа
Како би функционирало субвенционирањето? Во Македонија уште од почетокот на милениумов масовно се донесуваат стари и евтини користени автомобили со дизел мотори, со висока емисија на честички ПМ и на азотни оксиди, обично без функционален филтер за честички ПМ (Филтер ДПФ). Тие дизел возила што освестена Европа одамна почна да ги забранува за користење и ги оптоварува со високи даноци, слободно се донесуваат да возат по македонските улици.
Па, кој е толку запнат да глуми аристокрација и да парадира со тешка лимузина со дизел што чади од сите страни и крцка по свијоци, нека го плати истиот данок за тој автомобил, како што го плаќаат Европејците, па од тоа нека се субвенционира купувањето електрични автомобили. Така функционира светот. Тука возењето одамна престана да биде возење и се претвори во театар. Трагикомедија.
-
Какви поволности нуди Словенија за купувачите на електрични автомобили
-
Приватни лица добиваат помош при купување ЕВ во висина од:
- €7,200 за нови БЕВ (M1) ≤ €35,000
- €6,500 за БЕВ €35–45k
- €4,500 за БЕВ €45–65k
- €3,000 за користени БЕВ ≤ €45k
- €2,000 за користени БЕВ €45–65k
-
Ослободување од данок при регистрација
-
За БЕВ се плаќа најниската стапка од 0.5%, додека за возила со мотор со внатрешно согорување се плаќа повисок данок.
-
Данок за возило
-
БЕВ се делумно или целосно ослободени од данок за поседување возило, зависно од локалните или регионалните одредби.
-
Други финансиски придобивки
-
Еко Фондови: Долгороден лизинг за БЕВ, со повластена камата (ЕУРИБОР + 1.3%), за приватни правни лица, до 10 години отплата.
-
Придобивки за службени автомобили
-
Нула данок за БЕВ за службен автомобил, без оглед на цената. Тоа прави БЕВ да бидат попривлечни за врботени во споредба со возила со мотор со внатрешно согорување.
-
Ослободување од ДДВ
-
Компаниите се целосно ослободени од ДДВ за БЕВ, за сервисирање, делови, за возила до €80,000.
-
Локални придобивки
-
Општински повластици (бесплатно паркирање, пониска патарина) зависно од регионот.
-
Најави за менување на политикта за субвенционирање
-
Нема најави за менување на политиката, во 2025 и во иднина.















