Сите производители ќе ги исполнат барањата на ЕУ за помалку ЦО2, единствено Мерцедес не паничи

Сите европски производители на автомобили, со исклучок на Мерцедес-Бенц, на пат се да ги исполнат барањата на Европската Унија за намалување на емисијата на ЦО2.

Во Мерцедес-Бенц имаат причина да бидат опуштени околу казните што ЕУ им ги спрема на производителите

Растот во продажбата на електрични автомобили што се очекува, на сите производители на автомобили во Европа, освен на Мерцедес-Бенц, ќе им овозможи да бидат под границите што ги постави Европската Унија, за емисијата на ЦО2, покажа новата студија.

Истражувачкото и активистичко здружение Транспорт и Животна средина, коешто претставува 73 еколошки организации од 24 европски држави, предвидува значителен напредок во споредба со продажбата во првото полугодие од 2025, кога само Волво Карс и БМВ беа на пат да ги исполнат лимитите на ЕУ за ЦО2, додека Стелантис, Рено, концернот Фолксваген и групацијата Мерцедес-Бенц заостануваа.

Во истражувањето се наведува дека зачестеното пуштање нови модели во продажба, коишто се подостапни, благодарение на опаѓањето на цените на батериите, како и наглото проширување на мрежата од полначи, водат кон зголемување на продажбата на електрични автомобили.

Транспорт и Животна средина предвидуваат дека батериските електрични автомобили во 2027 година ќе надминат удел од 30 проценти во вкупната продажба на автомобили во ЕУ. Нивниот удел годинава изнесува 18 проценти.

Здружението посочува дека тоа е знак оти поставените цели на ЕУ имаат ефект, како и дека секое олабавување во следниот пакет од цели за 2030 и 2035 година, ќе ги уништи вложувањата во електричните автомобили и со тоа ќе ѝ се дозволи на Кина да продолжи да ја зголемува својата предност.

Графиконот на Транспорт и Животна средина којшто покажува колку производителите се блиски до остварување на барањата на ЕУ

„Европа сега се соочува со решавачки избор: Или да се предводи светската трка со електричните автомобили и самоуверено да се влезе во електричната ера, или да се ризикува заостанување во ерата на фосилните горива,“ се наведува во студијата.

Здруженијата на производители на автомобили укажаа дека идните ограничувања на емисијата на ЦО2, вклучувајќи 100-процентно намалување до 2035 година, повеќе не се остварливи. Директорите на 12-ти септември имаат закажано средба со претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен, на којашто ќе се разговара за иднината на автомобилската индустрија.

Европската Комисија во март го попушти притисокот врз европските производители на автомобили, давајќи им рок од три, место една година, да ги исполнат ограничувањата на емисијата на ЦО2 за нови патнички и доставни возила.

Транспорт и Животна средина очекува дека Мерцедес-Бенц ќе продолжи да заостанува зад останатите прозиводители во ЕУ во исполнувањето на ограничувањата за ЦО2, бидејќи повеќе им се посветува на моделите со мотори со внатрешно согорување, коишто носат поголема добивка.

Доколку не ги исполнат огранучувањата за ЦО2, на производителите на автомобили им претстојат високи казни. Браншата претходно соопшти дека казните би достигнале вредност од десетици милијарди евра, доколку останеа да важат првичните планови за 2025 година. Со направената отстапка, сега како основа ќе се зема просечната годишна емисија на ЦО2 за периодот од 2025 до 2027 година.

Видеото од тестот на електричен Рено 5 во Аутомедиа

Мерцедес-Бенц нема да се соочи со преголеми проблеми, затоа што ќе ги избегне казните организирајќи т.н. ЦО2-пулинг, односно својата емисија на ЦО2 ќе ја вклучи во емисијата на Волво Карс и Полстар, коишто имаат голема продажба на електрични и хибридни модели и со тоа пониска емисија.

За таа услуга, Мерцедес-Бенц ќе им префрли договорена сума на Волво Карс и Полстар, којашто секако ќе биде пониска од казните на ЕУ. На тоа следи и дополнителна приказна, затоа што сопственикот на целиот холдинг Џили, Ли Шуфу, каде што припаѓаат Волво, Полстар, Лотус и Смарт, поседува 9,69 проценти од акциите во Мерцедес-Бенц.

Претходна објаваВо Европа во 2028 година ќе се продадат повеќе електрични автомобили отколку бензинци и дизели
Следна објаваБи Уај Ди потврди дека Долфин Сурф ќе биде првиот модел произведен во Европа

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here