- Нов дисплеј по цела ширина со заднинско осветлување и зонско затемнување.
- Унапреден дизајн на внатрешноста со дигитализација што освојува
- Позадини за екранот со нов стил и висока резолуција
Мерцедес „ГЛЦ со Технологија Е Ку“ ќе ја започне новата ера за швабската марка, кога ќе се појави за својата светска премиера на салонот ИАА Мобилност во Минхен, на 7-ми септември. Тоа е прв сериски автомобил кај којшто Мерцедес-Бенц го применува новото дизајнерско поглавје.
Во маската е најголемата промена, што веројатно ќе предизвика побуна кај традиционалистите, барем додека не се покаже дека Мерцедес-Бенц и овојпат е во право. Како што претходно соопшти Штутгарт, формата на маската се повикува на големите Мерцедеси од 1970-те и 1980-те години, како серијата В 116 и В 126 по неа.
Вообичаено за најавата за нови модели од Штутгарт, претставувањето на новиот ГЛЦ почнува со слики од внатрешноста.
При осмислувањето на внатрешноста е земена предвид неизбежноста на дигитализацијата, со тоа што „мерцедес“ ќе се докаже во разбирливото и природно ракување, и „на возачката и возачот, како и на патниците, ќе им понуди простор, што се чувствува личен, едноставен и вмрежен“, пишува Штутгарт во соопштението.
Пречник од 99,3 сантиметри на новиот Хајперскрин
Целото внимание го привлекува новиот МБУКС хајперскрин, којшто стана составен дел од кокпитот, место да изгледа како да е додаден отпосле. Новиот хајперскрин се протега буквално по целата ширина. Соодветно е сменета и графиката што се прикажува, за да се постигне чувство дека човек тука е добредојден. Мерцедес-Бенц досега нема вградено поголем дисплеј: 99,3 сантиметри или 39,1 инчи.
Мерцедес се фали и со бистината и резолуцијата, а посебно со иновативното матрично заднинско осветлување, што го создаваат преку 1.000 светлечки диоди. Преку лизгач може да се избира различна осветленост во два различни дела од дисплејот. Овој изум е патентиран.
Тоа што светот досега го познава како обична преграда во средишната конзола, Мерцедес-Бенц вели дека во ГЛЦ е „украсна скулптура“. Целиот тој преод од средишната конзола меѓу седиштата и арматурната табла е изведен како украсен елемент, што се нагласува дополнително со амбиентално осветлување. Тука се наоѓаат две прегради, вклучувајќи безжичен полнач за телефон, а веднаш потоа следат физичките копчиња.
Веќе добро извежбана рутина се отворите за воздух, што исто така се вредни да се наречат скулптура, изработени со галванизирање и опремени со заднинско осветлување. При секое ракување со климата, соодветно се менува и бојата на амбиенталното осветлување во овие отвори.
Мерцедес Г Класа со електричен погон во Мак Аутостар
Многу внимание е посветено и во позадината што се прикажува на големиот дисплеј. Може да се избира различна графика, по расположение. Голем дел од новините и доживувањето во електричниот ГЛЦ се дело на оперативниот систем МБ.ОС.
Според Мерцедес-Бенц, новиот електричен ГЛЦ го издигнува вообичаеното чувство на добредојде во нивните возила, коешто произлегува од комфорот, безбедноста и згриженоста.
По салонот ИАА ќе бидат познати и останатите поединости околу електричниот ГЛЦ што му се придружува на моделот со класични и хибридни погони.
















