Кинески хибриди и ЕВ ќе го преплават салонот ИАА во Минхен

Кинеските производители на автомобили ја подготвуваат следната жетва на европскиот пазар, со новите модели со хибриден и електричен погон. Тие ќе бидат прикажани на салонот ИАА Мобилност, што почнува во следната седмица во Минхен

БИД во Минхен ќе го прикаже комбито Сил 06 ДМ-и Туринг, како дел од притисокот да се пробие на европскиот пазар со додавање нови модели со приклучен хибрид.
  • Кинеските производители ја прошируваат својата понуда од модели во Европа, додека се соочуваат со ценовна војна на домашниот пазар и со царини во САД
  • Кинеските и европските производители соработуваат, за првиве да се приспособат на новите закони за електрични автомобили, а вториве за да добијат понапреден софтвер и батериска технологија.
  • Автомобилските марки од Кина освоија 9,9% од пазарот на електрични автомобили во Европа во јули.

Кинеските производители на автомобили ја подготвуваат следната жетва на европскиот пазар, со новите модели со хибриден и електричен погон. Тие ќе бидат прикажани на салонот ИАА Мобилност, што почнува во следната седмица во Минхен и со што ќе отпочне следниот чекор во нивното ширење на европскиот пазар.

Би Уај Ди, Шаопенг и Липмотор се меѓу производителите што ќе прикажат нови модели на салонот, со цел да ја прошират својата понуда и да ги искористат придобивките од минатите години. Тие го засилуваат притисокот врз европскиот пазар во време кога на домашен терен се заострува ценовната војна околу електричните автомобили, а исплатливиот пазар во САД се затвора со високите царини.

Електричните автомобили и хибридите добиваат на важност, во време кога Европа се подготвува за во средината на следната деценија да ја запре продажбата на автомобили со мотор со внатрешно согорување. Кинеските марки освоија 9,9 проценти од европскиот пазарот на ЕВ во јули. Тие држат 5,3 проценти од целиот европски пазар, и трет месец постигнуваат раст од преку 5 проценти.

Салонот во Минхен се одржува во услови на затегнати трговски услови со Пекинг, откако ЕУ кон завршетокот на минатата година одлучи да воведе зголемени царини за ЕВ што се увезуваат од Кина. Тоа не го спречи напредувањето на кинеските производители на автомобили, коишто продолжија да продаваат автомобили со мотор со внатрешно согорување и приклучни хибриди, коишто не се погодени од високи царини.

Се создаваат и сојузи, а се градат и фабрики во регионот. Тоа врши притисок на големите автомобилски концерни од ковот на Фолксваген и Стелантис, коишто ги скусуваат трошоците за да ја задржат профитабилноста додека европскиот пазар стагнира.

Кинеските играчи постигнаа успех на пазарот на хибридни авотмобили, оценува Јулиан Лицингер, аналитичар во Датафорс. „Се чини дека подемот не е завршен,“ вели тој. Додека кинеските компании продолжуваат да додаваат модели со хибриден погон, „уште има место за раст“.

Продажбата на приклучни хибриди во ЕУ, Обединетото Кралство и ЕФТА во јули порасна за 52 проценти, соопшти здружението АЦЕА во минатата недела. Напредуваше и продажбата на електрични автомобили, со раст од 34 проценти, што е најголем раст во изминатите 15 месеци.

Би Уај Ди е меѓу прозиводителите што притискаа најмногу. Компанијата во Европа одамна продава повеќе од Тесла и гради фабрики во Унгарија и Турција, за да ги избегне царините на ЕУ.

Покрај првите автомобили што пристигнуваат во Европа од Тајланд и со тоа ги избегнуваат царините на ЕУ, Би Уај Ди во Минхен ќе го прикаже своето комби Сил 06 ДМ-и Туринг. Тоа е дел од притисокот на компаниајта да ја зголеми продажбата на приклучни хибриди во регионот. Моделот што ги следи стапките на успешниот кросовер Сил Ју, ќе конкурира во сегментот на Фолксваген Пасат.

Шаопенг планира на германскиот салон да прикаже освежена изведба на својата електрична лимузина П7, со побрзо полнење и подолг досег. Липмотор, партнерите на Стелантис, доаѓаат со Б05, електрична комбилимузина што е конкурент на Фолксваген ИД.3.

Липмотор Б01 на салонот во Шангај во април годинава. Б05 ќе биде комбилимузинска изведба за Европа

Стелантис планира да произведува електрични модели на Липмотор во Сарагоса, Шпанија, во близина на фабриката за батерии што ја гради заедно со кинески КАТЛ. Шаопенг, партнер на Фолксваген во Кина, ќе му конкурира на германскиот производител на домашен терен.

Во Минхен ќе присуствуваат и бројни добавувачи, меѓу кои моќниот КАТЛ со нова технологија на батерии, како и производителот на сензори Хесаи, којшто соработува со Убер за роботското такси во Европа.

Претходна објаваЕкс-директорка од Мерцедес ќе шефува со Дачиа, групацијата Рено со големи смени во управата
Следна објаваСитроен Ц4 со фејслифтот изгледа како сосем нов модел, изложен е во салон

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here