
Продажбата на Тојота на светскиот пазар, вклучувајќи ги ограноците Даихацу (мини автомобили) и Хино (товарни возила), зголемена е за 4 проценти во споредба со ланскиот јули, соопшти производителот на 28-ми август. Домашниот пазар опадна за 2 проценти, но затоа странските пазари донесоа раст од 6 проценти.
Посебно беше силна продажбата на марките Тојота и Лексус во Северна Америка. Пикапите, СУВ- и хибридните модели постигнаа раст од 20 проценти. Кина исто така донесе за 5,7 проценти зголемен пазар.
Расте и производството на јапонската корпорација. Во јули во сите фабрики на Тојота ширум светот беа произведени 947.943 возила или за 2,6 проценти повеќе од истиот месец лани. Смаленото производство во домашните фабрики го надоместија сите фабрики надвор од Јапонија, со зголемено производство.
Тојота постигна голем скок во продажбата годинава, благодарејќи на високата побарувачка за хибриди и итаницата за купување автомобил во изминативе месеци во САД, пред да стапат во сила новите царини на претседателот Трамп за увезени автомобили и делови.
Јапонските автомобили сега се предмет на царина во висина од 15 проценти за увоз во САД, што пак е помалку од 25-те проценти што беа одредени претходно, иако пониската стапка и натаму претставува силен притисок за водечките производители.
Тојота во почетокот на август ги спушти прогнозите за профитот за годинава и предупреди дека царините на Трамп ќе ја изложат на дополнителен трошок од вкупно 9,5 милијарди долари. За фискалната година што завршува во март 2026, Тојота предвидува оперативна добивка од 21,8 милијарди долари, наспроти претходната прогноза за 25,9 долари.

Хонда во меѓувреме продаде за 7,6 проценти помалку возила во јули (279.727), што во голем дел се должи на падот во продажбата во Кина. Продукцијата исто така опадна во јули, со 277.635 возила или за седум проценти помалку од лани.
Нисан постигна раст од 0,5 проценти (262.745 возила во јули), што е првпат продажбата да биде во плус по период од 16 месеци. Позитивниот резултат доаѓа од зголемената побарувачка за целосно електричниот Н7 на пазарот во Кина.
Покрај несигурноста во трговијата, без разлика што пазарот и натаму ги бара засилено возилата со хибриден погон, Тојота и останатите традиционални јачонски производители, се соочуваат со остра конкуренција од електричните модели со напредна технологија на Би Уај Ди и други кинески производители.















