Ауди Ку-3 Спортбек со згодна линија и мала доплата за тоа

Втората генерација на Ауди Ку-3 Спортбек додава на елеганција и ќе биде незначително поскапа од класичниот СУВ-модел од компакт класата.

Цената на основниот модел во Германија изнесува 46.450 евра. Продажбата почнува во ноември, соопшти Ауди на 25-ти август.

За споредба, класичниот Ку-3, којшто на домашниот пазар ќе стартува еден месец пред својот купе-СУВ сродник, чини 44.600 евра.

Ауди не ја менува стратегијата и најсилните моделски изведби во гамата на Ку-3 Спортбек ќе ги нуди како приклучни хибриди, со електричен досег зголемен на 119 километри, за разлика од 50-те километри на досегашниот модел.

Цената на изведбата на Ауди Ку-3 со приклучен хибриден погон во Германија изнесува 49.300 евра, додека Спортбекот со истиот погон чини 51.150 евра.

Батеријата на приклучниот хибрид со капацитет од 25,7 кВч е речиси двојно поголема од стариот модел. Полнењето на батеријата од 10 до 80 проценти на полнач со еднонасочна струја со моќност од 50 кВ трае помалку од половина час. Системската моќност изнесува 200 киловати, односно 272 КС.

Ауди напоменува дека новиот Ку-3 Спортбек се одликува со поаеродинамичен дизајн и со поспортска силуета, со стеснет опаш и со задни светла во форма на чатал. Линијата на покривот на Ку-3 Спортбек почнува да се спушта наназад уште пред Б-столбовите. Како резултат од тоа, каросеријата е за 29 милиметри пониска во споредба со СУВ сродничката.

Дизајнот не го попречува лесното влегување и поголемата прегледност, како доблести што привлекуваат купувачи кај СУВ-возилата, посочуваат од Ауди.

Изведбата ПХЕВ на Ауди Ку-3 Спортбек почнува од 51.150 евра во Германија и може да вози 119 километри чисто на струја.

Внатрешноста на Ку-3 Спортбек е слична со стандардниот Ку-3, со подзаоблена арматурна табла. Главната разлика е во тоа што стилскиот Ку-3 Спортбек располага со помалку товарен простор со соборена клупа, односно 1.289 литри, наспроти 1.386 литри кај Ку-3.

Доколку се собере продажбата на Ку-3 и Ку-3 Спортбек, тоа е вториот најпродаван модел на Ауди во Европа, по А3. Во првото полугодие, Ку-3 беше трет најпродаван СУВ од компактната класа од премиум марка во Европа, со 38.233 продажби, пред Мерцедес-Бенц ГЛА и Мини Кантримен.

Фабричкото видео за дизајнот на новиот Ауди Ку-3 Спортбек

Новите Ку-3 модели ќе се придружат на новиот СУВ-модел од средната класа Ку-5 и на новата генерација на лимузината А6 и нејзината комби изведба Авант. Тоа се трите најважни новитети на Ауди во досегашниот тек од годината, како дел од сеопфатното обновување на понудата од модели на германската марка.

„Со преку 2 милиони продадени примероци ширум светот од лансирањето на првата генерацијам, Ауди Ку-3 е меѓу нашите најпродавани модели и има висок статус во нашата понуда од модели“, порача извршниот директор Герно Долнер во соопштението за јавност.

Ауди очекува дека подобрените перформанси на хибридните модели ќе привлечат повеќе купувачи. Баварскиот производител го префрлува вниманието кон приклучни хибриди, како преодна технологија во насока на возилата со целосно електричен погон.

Сериското производство на Ку-3 од третата генерација веќе започна во фабриката на Ауди во Ѓер, Унгарија. Премиерата на моделот се одржа во јуни.

Фабриката во којашто Ауди ги произведува своите Ку-3 и Ку-3 Спортбек од 2018 година, исто така ќе изработува и каросерии за други модели, што ќе се транспортираат до фабриката во баварски Инголштат, каде што ќе се лакираат и ќе се врши завршната монтажа.

Претходна објаваВистинската слика за сообраќајот: За еден ден 725 казни за брзо возење, многу диви возачи
Следна објаваШефот на концернот Фолксваген ја откажува двојната функција, Порше ќе добие нов шеф

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here