Дачиа Сандеро беше најпродаван автомобил во јули и со тоа му стави крај на тримесечното владеење на Рено Клио.
Сандеро и Клио, два градски модели од групацијата Рено, се менуваа на водечкото место на европскиот автомобилски пазар во првите седум месеци од годинава.
Сандеро владееше во првото тромесечје, додека Рено Клио беше Број 1 во целото второ тромесечје.
Романската комбилимузина е на врвот и покрај падот од 7,9 проценти, со продадени 21.040 возила во минатиот месец. Тоа го покажуваат податоците од Датафорс, коишто претставуваат 99,9 проценти од пристигнатите извештаи од ЕУ, ЕФТА и ОК. Во моментов единствено недостигаат податоците за Кипар.
Клио во јули се спушти на 9-то место, со продажба намалена за 4,5 проценти, односно 14.341 возило.
Меѓу причините за големиот успех на Клио годинава е потегот на Рено, со воведувањето ново ниво на опременост Џенерејшн во мај, коешто чинеше 2.700 евра помалку во споредба со дотогашното појдовно ниво. Со тој потег, Рено Клио на францускиот пазар во својата петта генерација стартува од 16.900 евра.
Нова генерација на Клио ќе се појави пред јавноста на салонот ИАА Мобилност што во втората половина на септември ќе се одржува во Минхен.
Втор најпродаван модел на европскиот пазар во јули беше Фолксваген Т-Рок, со раст од 8,2 проценти и продадени 20.737 возила.
Тојота Јарис е на третото место, а потоа следат уште два модели на Фолксваген, што ја заокружуваат водечката петорка во јули. Тоа се компактниот СУВ-модел Тигуан, со 7,9 проценти во плус и продадени 16.209 возила, и класикот Голф, со продажба зголемена за 14 проценти, на 15.615 возила во споредба со јули 2024 година.
Со три модели меѓу 5-те најпродавани, марката Фолксваген напредуваше за 14 проценти во јули и продаде вкупно 124.069 возила.
Тоа се 15.302 возила повеќе во споредба со истиот месец лани.
Продажбата на ФВ Голф во јули се зголеми за 14 проценти, со продадени 15.615 возила.
Кај Тесла е вообичаено да биде послаба продажбата во првиот месец во секој квартал. Меѓутоа и во месечна споредба, Тесла пак е во голем пад. Во јули, марката од САД постигна продажба намалена за 37 проценти во споредба со истиот месец лани. Нивниот Модел Ипсилон во јули постигна 5.915 продажби или за 40 проценти помалку.
Од 2-то место во јули лани, најпродаваниот модел на марката од САД во Европа падна на 60-то место годинава.
Кои се останатите модели што се меѓу победниците во јули?
Продажбата на Шкода Кодиак порасна за 30 проценти, со 9.960 возила, со што СУВ-моделот од средната класа се најде меѓу 20-те најпродавани модели, наспроти 41-то место во истиот месец во 2024 година.
Ауди ја зголеми продажбата на А3 за 26 проценти, со 10.443 возила во јули, донесувајќи го премиум компактот на 17-то место, наспроти 33-то место лани.
Останатите модели што се издвојуваат меѓу 50-те најпродавани се Џип Авенџер (+20 проценти), Опел Мока (+19 проценти) и Шкода Фабиа (+13 проценти).
Кои модели се најпродавани по 7 месеци?
Сандеро со 4-от наслов на најпродаван автомобил во Европа ја зголеми својата предност по седум месеци. Дачиа продаде 152.580 примероци од моделот до јули, што сепак е пад од 9,2 проценти во споредба со истиот период лани. Клио останува на 2-то место.
Водечката тројка ја заокружува Т-Рок, што и покрај падот од 3 проценти во продажбата, го престигна Пежо 208 за целиот период од јануари до јули.
















