
Фолксваген се потпира на партнерството со Шаопенг во развојот на технологија од подрачјето на електричниот погон, откако Германците во 2023 година купија 5% акции во конкурентот на Тесла. Концернот сега првпат соопштува дека и во своите најважни модели со мотор со внатрешно согорување ќе користи технологија на Шаопенг. Главнината од продажбата на групацијата ФВ во Кина отпаѓа токму на возила со мотор со внатрешно согорување.
Примената на напредна електронска мрежа што лесно се „апдејтира“ е пресудно кај автомобилите во коишто софтверот има клучна улога, а токму тоа најмногу им значи на кинеските возачки и возачи кои се гладни за напредна техологија.
Концернот во 2024 година објави дека во сите електрични модели на марката Фолксваген, што се развиени во Кина, ќе се префрли на кинеска електронска мрежа развиена од Шаопенг, заедно со кинеската технолошка компанија на групацијата ФВ (ВЦТЦ) и со својот огранок за софтвер, Кариад. Првите такви модели ќе почнат да се продаваат во 2026 година.
Мрежата се темели врз три моќни компјутери, секој со своја зона, што контролираат низа електронски функции. Фолксваген посочи дека со напуштањето на принципот со посебни контролери за секоја функција ќе го смали бројот на контролни единици за 30 проценти, воедно скусувајќи ги трошоците и поедноставувајќи го системот.
Фолксваген понатаму наведува дека се забрзува усовршувањето на софтверот и обновувањето преку податочен облак, како и дека значително се скусува времето за развој на новите модели.
Според новиот договор со Шаопенг, групацијата Фолксваген ќе ја користи мрежата во идните модели од марката Фолксваген, што ќе бидат развиени во Кина и ќе се продаваат во земјата.
„Тоа претставува големо засилување на соработката со нашиот партнер,“ изјави Чарлс Жанг, директор за финансии и инвестиции во Шаопенг, при соопштувањето на деловните резултати за второто тромесечје на 19-ти август. „Верувам дека Фолксваген е единствената глобална автомобилска компанија .. што има една Е/Е (електронска/електрична) мрежа за сите свои погонски единици.“
Не се спомнува датумот кога ќе биде пуштен во продажба првиот модел со внатрешно согорување со новата мрежа.
Преоѓањето на новата електронска мрежа ќе ги скуси основните трошоци на Фолксваген во Кина
Шефот на групацијата Фолксваген за Кина, Ралд Брандштетер, во соопштението наведува дека со усвојувањето на Кинеската Електронска Мрежа за своите модели со мотори со внатрешно согорување, компанијата го „зајакнува нашето технолошко предводништво во делот на конвенционални погонски единици.“

Со овој чекор воедно ќе се подобри и базата на трошоците на групацијата ФВ во Кина, кажува Брандштетер. Фолксваген започна со промени во својот бизнис во Кина, меѓу другото и со затворање на фабриката во Нанџинг, во време кога домашните соперници го зголемуваат својот удел на пазарот, на сметка на светските производители, додека долготрајната ценовна војна го урива профитот.
Главнината од продажбата на 1,3 милион возила на групацијата ФВ во Кина до јуни ја сочинуваат модели со мотор со внатрешно согорување. Возилата со целосно електричен погон учествуваат со само 4,5 проценти, откако нивната продажба опадна за 35 проценти, на 59.351 возило. Најпродаваните модели ФВ Сагитар и ФВ Пасат се со мотор со внатрешно согорување.















