
Гласините кружат веќе неколку месеци, а сега тие добија и службена потврда, откако претседателот на Шаоми, Вилијам Лу, ја соопшти веста при објавувањето на деловните резултати за првото полугодие. Шаоми ќе почне да ги продава своите електрични автомобили во Европа во 2027 година.
Џинот во производството на паметни телефони и потрошувачка електроника во моментов е присутен само во Кина и тоа од неодамна. Но, откако Шаоми влезе во бизнисот со автомобили во 2024 година, продажбата се вивна, благодарение меѓу другото на спектакуларните податоци за моќноста на нивните модели.
Првиот модел СУ7 јасно цели кон Порше Тајкан, со големината и моќноста, додека со СУВ-моделот Ју7 што стартуваше во јуни, целта очигледно е Тесла Ипсилон.
Шаоми ќе ги развива своите автомобили во Минхен?
Шаоми не крие дека отсекогаш имале намера да продаваат во Европа. Уште пролетоска, Лу спомна дека продажбата би можело да почне во 2027 година.
На кариерниот портал Линкд Ин, тогаш можеше да се забележи дека Кинезите почнуваат да се подготвуваат за тој чекор. Гласините се потврдија кога компанијата почна да бара локација за својот центар за развој во Минхен.
Шпекулациите добија уште посолидна основа, откако неколку инженери на БМВ, што работеа на развој на електрични автомобили, заминаа во Шаоми. Пред неколку денови беше објавено дека главниот дизајнер за серијата електрични модели БМВ-и на баварскиот производител, Каи Лангер, преминал кај кинескиот работодавец.
Бројни се показателите што укажуваат на можноста дека Шаоми ќе го избере Минхен како место за својот центар за развој. Во баварската престолнина веќе се одомаќени неколку стартапи од светот на високата технологија и електричниот погон од Кина. Меѓу нив се и Нио и Шаопенг.
Видеото од тестот на електричен Донгфенг Бокс во Аутомедиа
Во последните месеци сепак стивнаа гласините околу плановите за Европа. Кинескиот производител мораше да се посвети на друг „проблем“. Производствените капацитети на Шаоми во моментов се преполни, со цел да се задоволи огромната побарувачка во Кина.
Поради целосната зафатеност на фабриките, времето за чекање на Ју7 во моментов е над една година. Шаоми има 335 салони во 92 градови во Кина.

Голем раст во продажбата
Уште со првиот модел СУ7 беше постигнат моментален успех, меѓутоа со вториот модел Ју7 веќе се надминаа сите очекувања на производителот. Како што наведува Шаоми, за 18 часови по презентацијата во јуни пристигнале 240.000 нарачки за моделот. Испораките на Ју7 почнаа на 6-ти јули.
Шаоми во првото полугодие продаде 160.000 примероци од двата модели во Кина, од коишто 81.302 возила беа продадени во второто тромесечје. Тоа претставува раст од 198 проценти во спореба со истиот квартал во 2024 година.
Прометот од продажбата на електрични авотмобили во вториот квартал достигна 2,5 милијарди евра и тоа е 230 проценти подобро од лани. Оперативната загуба се смалува, така што во вториот квартал таа се сведе на само 36 милиони евра. Веќе во второто полугодие, Шаоми ќе почне да прави профит со своите автомобили.















