Кинеската марка на Стелантис пречекува со нов модел на салонот во Минхен

Липмотор, кинески партнер на концернот на Фиат и Пежо, на салонот ИАА во Минхен доаѓа со електричниот компакт Б05.

Липмотор Б01 на салонот во Шангај во април годинава. Б05 ќе биде комбилимузинска изведба за Европа

Кинескиот производител што во Европа ужива поддршка од концернот Стелантис, на салонот во Минхен во следниот месец ќе одржи премиера на електричниот компакт Б05, најави директорот за финансии на Липмотор, Ли Тенг Феи.

Липмотор Б05 ќе му се придружи на технички сродниот СУВ-модел на струја Б10, како дел од обидот за засилен пробив на европскиот пазар, изјави Ли пред аналитичарите, за време на објавувањето на деловните резултати од второто тромесечје на 18-ти август.

Новиот модел е комбилимузинска изведба од лимузината Б01 што имаше премиера на салонот во Шангај во април. Тој ќе им биде новиот соперник на Фолксваген ИД.3, МГ4, Купра Борн и на кинескиот Би Уај Ди Долфин.

Липмотор во првите шест месеци продаде 8.311 возила во Европа, според податоците на Датафорс. Најпродаван модел е градското мини Т03, со 5.870 примероци, по него е СУВ-моделот од средната класа Ц10, двата модели со целосно електричен погон.

Лимпотор Интернационал е огранокот на кинеската компанија што е одговорен за извозот и истиот е заедничка инвестиција со Стелантис. Намерата е годинава да бидат продадени 50.000 до 60.000 возила на извозните пазари, од кои најголемиот дел во Европа.

Стелантис поседува 20 проценти во кинеската компанија Липмотор. Концернот на Фиат и Пежо го купи тој удел во 2023 година, по цена од 1,5 милијарда евра.

При соопштувањето на деловните резултати, Ли кажа дека очекува вкупната продажба на Липмотор годинава да се зголеми на 580.000 до 650.000 возила, наспроти претходната прогноза за 500 до 600 илјади примероци.

Компанијата очекува растот в година да се удвои, посочи Ли. „Целата динамика на растот доаѓа од Кина. Веруваме дека истото ќе го постигнеме и на прекуокеанските пазари.“

Липмотор Б10 на салонот во Париз во 2024 година. Продажбата во Европа започна во јули.

Европската продажба на компанијата во втората половина од годинава ќе биде засилена со доаѓањето на Б10, којшто почна да се продава кон завршетокот на јули по цена од 29.900 евра. Првите примероци во Европа ќе бидат испорачани во септември.

Б10 и Б05 се речиси идентични под каросеријата, со електромотор назад и со батерија од 56 или 67 кВч. Тоа е батерија литиум-железо-фосфат (ЛФП) што е подостапна од класичната литиум-јон, со одредени предности. Истиот вид батерија се користи и во Донгфенг Бокс, којшто веќе се нуди на македонскиот пазар.

Видеото од тестот на Донгфенг Бокс во Аутомедиа

Со комбилимузинската каросерија што е поаеродинамична од лимузината, досегот веројатно ќе се зголеми од 434-те километри на Б10.

По светското лансирање на Б10 РЕЕВ, иста таква погонска изведба со електричен погон со помошен генератор со погон на бензин, ќе биде понудена и во гамата на Б05. Ли најави дека верзијата на Б10 со помошен бензински генератор ќе биде лансирана „до завршетокот на годинава или в година“ и ќе му се придружи на Ц10 РЕЕВ, што во Европа почна да се продава во април.

Во почетокот на следната година е можно да започне и производство на Б05 во Европа, имајќи го предвид планот на Липмотор, на тој начин да ги избегне високите царини на ЕУ за увоз на електрични автомобили од Кина. Б05 ќе почне да се продава на тамошниот пазар во ноември. Ли ја спомна можноста дека „Б-Серијата“ ќе се произведува во Европа од следната година, без да наведе поединости.

Прв модел од серијата што ќе се произведува во Европа веројатно ќе биде Б10. Како можна локација се спомнува фабриката на Стелантис во Сарагоса, на североистокот на Шпанија.

Липмотор годинава ќе го лансира и првиот модел од серијата Д, на возила од средната класа, од којашто ќе се нуди СУВ и миниван изведба. Ли најави дека СУВ-моделот ќе биде „блокбастер“. Потоа, в година следи првиот од серијата А, со помали модели.

Липмотор почна да работи профитабилно во првото полугодие од 2025 година, по огромниот раст во продажбата. Ли нагласи дека тоа е вториот кинески стартап со електрифицирани возила, што веќе работи профитабилно, покрај Шаопенг и Нио.

Претходна објаваШаоми доаѓа со своите автомобили во Европа во 2027 година
Следна објаваТесла ја евакуираше фабриката во Германија откако избувна пожар

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here