Нови ЕВН-станици за полнење електрични автомобили во Радовиш и Делчево

Рено 5 на брз полнач во Охрид за време на тестирањето во Аутомедиа

Мапата на полначи за електрични автомобили низ Македонија зацрвенува бавно, но барем напредува. Иако бројот на станици навистина е мал, пак охрабрува тоа што во меѓувреме на секои 40-тина километри има по една станица за полнење. ЕВН соопшти дека пуштила нови станици во Радовиш и во Делчево.

Ближи историската 50-ка, како прв прифатлив повод да се прослави бројноста на станиците со полначи за електрични автомобили во Македонија. За тоа недостигаат уште две станици, според податоците што ЕВН ги објавува на својот вебсајт за електромобилноста, а можеби и само една, доколку станицата покрај Судот во Велес, што недостига на списокот, уште постои и функционира.

Билансот во меѓувреме се шест брзи полначи со моќност од 150 киловати (две во Скопје, по една во Куманово, Неготино, Охрид и Прилеп), една станица со полнач со моќност од 100 киловати и 50 киловати (постари тип) во Гевгелија, и остатокот се полначи со моќност од 22 киловати.

Што реално може да се постигне со мрежата од полначи во оваа фаза?

Под претпоставка дека батеријата е на 20% наполнетост, а тоа со денешните електрични автомобили значи дека се поминати најмалку 300 километри, и дека на располагање е обичен полнач од 22 киловати, за батеријата да се наполни до 80%, ќе треба да се почека околу еден и пол час. Тоа е едно кафе, нема потреба од брзање.

Возачките и возачите на електрични автомобили секако дека се свесни за предизвикот што ги чека и претходно го имаат испланирано патувањето, така што сигурно нема да им се случи на половина пат да останат со 20% батерија.

Делчево ја добива втората станица за полнење, затоа што намерници доаѓаат тука од соседната земја, за услуги и производи што се по македонски цени, додека Радовиш првпат добива можност за полнење електрични автомобили. Во двата случаи се работи за обични полначи од 22 киловати.

Местоположбата на двата нови полначи на ЕВН

📍 Радовиш – ул.22-ри Октомври бр.8, веднаш до Центарот за култура „Ацо Караманов“

📍 Делчево – ул.Методија Митевски Брицо бр.7, на паркингот кај градски парк

Прашањето дали одвај 50 станици за полнење, со по најмалку два приклучоци за полнење, што значи дека два автомобили можат да полнат во исто време, се доволни за во Македонија воопшто да стане разумно да се помисли на електричен автомобил, има потврден одговор.

Во меѓувреме се разјасни во светот на електромобилноста дека сопствениците на ЕВ полнат дома (сопствен полнач чини 500 евра), на работа, пред зграда, некој на два дена, некој еднаш во неделата, а користењето јавни полначи е услуга, кога се патува подалеку.

Видеото од тестот на електричен Рено 5

Свесноста дека на 40-на километри има полнач, секако дека дополнително ги успокојува возачките и возачите на електрични автомобили.

Благодарност до ЕВН за тоа што ја донесоа електромобилноста во Македонија до овој степен.

Претходна објаваИдниот Мерцедес ВЛС тргна за Пебл Бич со екран од 65 инчи, 42 звучници и 7 проектори
Следна објаваВолво назначи нов шеф за продажба, Северинсон со големи планови за електричната 60-ка

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here