
Царините влијаеја релативно малку во првото полугодие и предизвиканиот трошок од нив е 300 милиони евра, меѓутоа вистинскиот удар се очекува во второто полугодие, соопшти Стелантис при објавувањето на финансиските резултати за првото полугодие на 29-ти јули, соопштувајќи загуба од 2,3 милијарди евра.
Стелантис е погоден најмногу од царината од 25 проценти за возила што се произведуваат во Канада и Мексико, но се продаваат во САД, исто како и од извозот на некои свои модели од Европа, вклучувајќи модели на Џип, Алфа Ромео и Масерати, како и доставни ванови.
Во минатата година, повеќе од 40 проценти од 1,2 милион возила што Стелантис ги продаде во Соединетите Држави беа увезени, главно од Мексико и од Канада.
Производителот на автомобили којшто го стабилизираше своето раководство, откако ветеранот во компанијата, Антонио Филоса, беше назначен за извршен директор, сега ги потврди прогнозите за бизнисот за годинава, откако претходно ја извести берзата за можноста дека прогнозите сепак нема да бидат остварени, наведувајќи ги како причина неизвесноста во трговијата и влијанието на царините во САД.
Стелантис за второто полугодие предвидува ниска едноцифрена оперативна маржа. Концернот очекува и зголемен прилив на готовина во втората половина, во споредба со првите шест месеци, кога загубата во готовина достигна 3 милијарди долари.
„Нашиот нов раководен тим, свесен за предизвиците, ќе продолжи да донесува тешки одлуки што се потребни за да се врати профитабилниот раст и значително да се подобрат резултатите,“ порача Филоса во соопштението.
Филоса се соочува со предизвици околу обновувањето на понудата на модели, враќањето на пазарниот удел и враќањето на довербата на инвеститорите, што почна да избледува за време на претходниот извршен директор Карлос Тавареш.
Северна Америка го влече профитот надолу, Европа е стабилна
Прометот е намален во споредба со првите шест месеци лани, поради забавените испораки во Европа, Северна Америка, но и на Средниот Исток и во Африка. Прометот, пак, порасна во Јужна Америка, главно поради зголемената побарувачка во Аргентина.
Стелантис сооошти дека очекува подобрување на продажбата, на прометот и оперативната добивка во споредба со првото полугодие во 2024, повикувајќи се на новите модели, како на пример Фиат Гранде Панда.
Видеото од тестот на Ситроен Ц3 Еркрос во Аутомедиа
Во првото полугодие, испораките во САД доживеаја пад од 23 проценти, на 647.000 возила. Главните причини за тоа се намалената продукција на увезени возила што беа погодени од царините, смалената продажба за возни паркови и долгите временски зјаеви меѓу моделите чиешто производство заврши и моделите од следната генерација, соопшти концернот.
Чистиот промет во регионот се намали за 26 проценти, на 28,2 милијарди евра, што резултираше со оперативна загуба од 951 милиони евра, во споредба со оперативната добивка од 4,3 милијарди евра, во првото полугодие лани.
Поширокиот регион на Европа и натаму е регион во којшто Стелантис постигнува далеку најголема продажба, иако бројот на испораки на возила се намали за 7 проценти, на 1,3 милион возила, што главно се должи на забавеното пуштање на производството на новите модели под полн капацитет, главно модели врз платформата Смарт Кар. За тоа, пак, надомести зголемената продажба на Фиат 600, Пежо 3008 и 5008, како и на Џип Авенџер, соопшти Стелантис.
Чистиот промет во Европа се смалил за 2 проценти, поради намалената продажба и зголемените попусти. Регионот за малку ја задржа профитабилноста, со оперативна добивка од 9 милиони евра, наспроти 2,1 милијарди евра добивка во истиот период лани.
Јужна Америка беше најпрофитабилен регион на Стелантис во изминатите шест месеци, зголемувајќи ја добивката за 3 проценти, на 1,2 милијарда евра, зголемувајќи го и прометот за 5 проценти, на 7,8 милијарди евра. Јужна Америка е третиот најголем пазар на Стелантис, со продадени 471.000 возила во првото полугодие, што претставува раст од 20 проценти и главно се должи на зголемената продажба во Аргентина.
Средниот Исток и Африка исто така беа профитабилни. Продажбата порасна за 13 проценти, на 133.000 возила. Чистиот промет достигна 4,9 милијарди евра, со оперативна добивка од 800 милиони евра, што претставува раст од 15,5 проценти.















