Топ 10 најпродавани модели во Европа до јуни (Дел 4): Премиум модели, од градска до луксузна класа

Е-Класата на Мерцедес во првите пет месеци надмина 20.000 продажби во Европа, со раст од 14,3 проценти

Два сегменти на премиум модели постигнале раст во првите пет месеци од 2025 година, два сегменти ја изгубиле динамиката во споредба со лани. Добро напредуваат премиум моделите од градската класа, каде што во меѓувреме се вмеша и Лексус, исто како и лимузините/комбијата од виша класа, како Серијата 5 на БМВ и Мерцедес Е-Класа. Има и бројни електрични модели во Топ 10.

Најпродаван премиум сегмент се моделите од компакт класата, каде што моделските имиња се познати долго време и се сведува главно на трите германски премиум марки, Ауди, БМВ и Мерцедес. Тоа се повторува во сите четири сегменти (во третиот дел се објавени продажбите на СУВ-моделите). Секако дека има новина, а тоа е  високиот пласман на електричните модели. Во топ 10, во сите четири класи има најмалку по два целосно електрични модели.

Во сегментот на премиум модели од компакт класата во првите пет месеци се продадени вкупно 165.272 возила и тоа е пад од 16,1 проценти во споредба со лани. Во Топ 10, одвај дека може да се смета како плус резултатот на БМВ и3 со 14 продадени возила (повеќе не се произведува), исто како и растот од 0,2 процент кај Серијата 2 на БМВ. Купувачите се префрлуваат на СУВ-модели, меѓутоа и претстојната гемерациска смена кај некои модели влијаеше за падот во сегментот.

Според бројот на модели може да се цени дека заживува сегментот на скапите градски автомобили, со појавувањето на електричниот Волво Е Икс 30 (се произведува во Кина и во ЕУ подлежи на дополнителна царина, оттаму и падот), но и Алфа Ромео Јуниор, Лексус ЛБИкс како верзија на Тојота Јарис Крос, а секако дека вредно освежување е Алпин А290, премиум верзија на електричниот Рено 5, со близу 3.000 продадени примероци. Во целиот сегмент се продадени 122.453 возила, односно за 12,7% повеќе од лани.

Сите модели од средната класа во Топ 10 имаат пад во продажбата во споредба со првите пет месеци лани. Некои модели се пред генерациска смена, како Серијата 3 на БМВ, којашто е воедно и предводник на сегментот. Може да биде изненадување тоа што третото место му припаѓа на целосно електричен модел, на БМВ и4. Целиот сегмент регистрирал 99.978 нови модели во првите пет месеци, или за 38,3% помалку во споредба со лани.

Денес можеби се продаваат повеќе премиум модели од сегментот на компактите, па и на градските автомобили, отколку модели од средната класа, но тоа се автомобилите што се „бројат“, односно најмногу го градат имиџот на премиум марките, заедно со средната класа. Во првите пет месеци, серијата 5 на БМВ постигна поголем раст од Класата Е на Мерцедес. Мора да се земат предвид и електричните и5 и Е-Ку-Е. Токму моделите со погон на струја се заслужни за растот во целиот сегмент, со 96.123 возила или за 34,9 проценти во плус.

Претходна објаваВолво бара нов дизајнер, Ник Гронентал привремено на шефовското место
Следна објаваЖил Видал заминува од Рено, ќе дизајнира за марките на Стелантис

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here