Форд ќе произведува електричен Бронко во Кина

Компанијата Форд Мотор ќе започне со производство на електрична изведба на својот СУВ-модел Бронко во Кина, вклучувајќи и изведба со продолжен досег, односно со генератор. Бронко ќе им се придружи на останатите електрични модели на Форд на големиот пазар.

Продажбата на двете нови изведби на Бронко ќе започне во чевртото тромесечје, соопшти Форд Кина.

Електричниот Бронко поседува два електромотори и батерија од 105,4 кВч, со којашто постигнува досег до 650 километри.

Втората верзија на електричниот Бронко дополнително поседува и мотор, којшто служи како генератор и има за цел да ја зголеми  автономијата, користејќи гориво. Тоа ќе биде прв модел со ваков погон што Форд ќе го понуди во Кина.

Оваа верзија поседува 1,5-литарски бензинец, два електромотори и батерија од 43,7 кВч, со којашто се постигнува досег до 220 километри. Со полн резервоар со гориво и полна батерија, досегот изнесува 1.220 километри.

Двете варијанти поседуваат лидар и преку 30 сензори и камери со врвна прецизност, коишто обезбедуваат врвна делотвотност на системите за асистенција, соопшти Форд Кина.

Цените ќе бидат соопштени подоцна.

Исто како бензинскиот Бронко, што се продава на кинескиот пазар од април 2024 година и чини 299.900 јуани, односно 41.800 долари, двете електрични изведби на Бронко ќе се произведуваат во заедничката фабрика на Форд и Џианглинг Моторс.

Форд од минатата година забрзано пушта во продажба модели со електричен погон под својата марка на кинескиот пазар.

Во ноември започна продажбата на приклучната хибридна изведба на СУВ-седумседот Форд Екватор и на кросоверот Екватор Спорт.

Форд претходно имаше само два електрични модели во понуда во Кина – целосно електричниот Мастенг Мах-Е и приклучниот хибрид Ескејп.

Тие се продаваат во Кина од 2021 година.

Форд повеќе не ги соопштува бројките од продажбата во Кина, меѓутоа продажбата на марките од западот опаѓа постојано, откако купувачите се префрлија на електрични модели со интелигентна технологија.

Претходна објаваГрупацијата Рено го заврши првото полугодие со раст од 5 проценти, подобро од просекот на пазарот
Следна објаваРегистрирани преку 200.000 нови електрични автомобили во Европа во јуни, Тесла прва, но паѓа

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here