Фиат почна со продажба на новата 500-ка со благ хибриден погон, 17.000 евра во Италија

Фиат 500 Хибрид однадвор изгледа исто со моделот 500е со целосно електричен погон, единствената разлика е во малиот отвор под логото заради ладење на моторот.

Хибридниот 500 ќе почне да се произведува во ноември во фабриката Мирафиори во Торино, каде што новиот модел ќе се произведува заедно со верзијата со целосно електричен погон.

На располагање ќе стојат истите три каросериски изведби како кај 500е, односно класична изведба со три врати, изведба со задна врата само од десната страна и кабриолет. Погонот се состои од 1,0-литарски бензинец со 70 КС, што е комбиниран со 12-волтен електромотор и шестстепен мануелен менувач.

Фиат очекува хибридниот 500 да ја зајакне продажбата на Фиат, откако забави побарувачката за батериски електрични автомобили. Со 500 Хибрид воедно ќе се зголеми и капацитетот на фабриката Мирафиори со дополнителни 100.000 возила годишно.

Шефот на Фиат, Оливие Франсоа, кажа дека италијанската марка планира годинава да произведе 5.000 примероци од 500 Хибрид. Моделот е „500 за вистинските луѓе, прагматичната 500“, изјави Франсоа за време на претставувањето на моделот пред медиумите на 4-ти јули во Торино.

Концернот Стелантис во минатата година произведе 475.000 возила во Италија, наспроти 751.000 возила во 2023 година. Тоа беше драстичен пад од 46 проценти и најниска продукција во земјата по 1956 година.

Од електричната верзија 500е, што чини 30.000 евра, во минатата година се произведоа само 25.000 примероци. Фиат постигнуваше одлична продажба на 500е во Германија и други големи пазари со високи субвенции за ЕВ, меѓутоа по укинувањето на субвенциите, продажбата опадна значително. Фабриката мораше неколкупати да го прекинува производството и да ги испраќа работниците на принуден одмор.

Во првите пет месеци, Фиат продаде 7.331 примероци од електричниот 500е, наспроти 14.597 возила во истиот период лани.

Одлуката на Фиат да изработи верзија од електричниот 500е со благ хибриден погон е необична, поради тоа што 500е беше замислено да се произведува само во електричната изведба. Бензинската изведба на Фиат 500, којашто е базирана на моделот од 2007 година, мораше да се префрли во Алжир, меѓу другото поради новите закони на ЕУ за заштита на возилата од сајбер-напади.

Во 2023 година, последната полна година на моделот, бензинскиот 500 постигна близу 105.000 продажби во Европа.

Претходна објаваКинески Чанган бара локација за фабрика за автомобили во Европа
Следна објаваОкта Блек е рок-ѕвездата на Дефендер

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here