Рено ги развива идните модели во техно-капсула што тежи 8 тони

Во капсула тешка осум тони, изработена од карбон и сместена во објект што личи на хангар, надвор од Париз, инженерите на групацијата Рено ги тестираат возните својства и перформансите на идните модели. Тие можат да одредат дури и какво е чувството, кога со гуми со различни профили се вози по најразновидни патишта.

Со човек зад воланот на прототипот за тестирање, сместен во капсулата, движејќи се во виртуелна средина што се прикажува во 360 степени, црната капсула се движи лево десно, напред назад, горе долу, чиниш е танчерка, со цел да се симулира возење во вистински услови. Инежерите собираат податоци и ги анализираат, ги решаваат проблемите, ги усовршуваат возните својства и ја подобруваат безбедноста.

Капсулата со име Роудс, претставува суштински дел од новиот симулатор и најголем е од тој вид во Европа, тврди производителот. Користејќи податочен облак, операторите можат да „возат“ дигитални близнаци, коишто станаа неизоставен дел од развојот на нови модели.

Рено користи дигитални близнаци со цел да го скуси развојот и да заштеди пари

Намерата со дигиталните близнаци е да се скуси времетраењето на развојот, да се заштедат пари и да се отстранат секакви проблеми пред возилото да влезе во сериско производство, а потоа и кај сопствениците.

„Возачот може да го тестира комплетното возило уште пред да биде изработен првиот прототип“, кажува Оливие Колмар, директор за дигитална трансформација и нумеричка симулација во Рено.

Рено наведува дека дигиталната симулација овозможила трошоците за тестирање да се скусат за 53 проценти, а исто и времето на развој да се скуси за 25 проценти во споредба со 2019 година.

Симулациите на Рено се базираат на дигитален близнак на секој модел, што се изработува во самиот почеток на развојот. За разлика од порано, повеќе не е потребен физички модел за секој чекор во развојот, и тоа штеди време и пари, објаснува Колмар.

Порано сите тестирања се вршеа на физички модели и за секој чекор мораше да се изработуваат нови прототипи. За решавање поголеми проблеми, мораше да се изработуваат повеќе прототипи. Колмар го објаснува тоа како принцип на „проба и грешка“.

Дигиталните близнаци внесоа поголема сигурност во развојот на новите модели, кажува директорот. Физичките тестови сега се само потврда дека сé функционира.

Моменти од конструирањето на скапиот симулатор што е срце на центарот за тестирање на Рено во Гијанкор

Рено со дигитални близнаци ги тестира следните подрачја:

  • Самото возило, вклучувајќи безбедност при судир, аеродинамичност, акустика, трајност и како возилото реагира на различни температури и средини;
  • Вградени системи, како софтвер, контрола на енергија кај ЕВ и напредни системи за асистенција, вклучувајќи нивно функционирање при густ сообраќај или лошо време;
  • Покрај заштеда на пари, целта на Рено е да го скуси времето на развој, на ниво споредливо со кинеските производители.

Скусување на времето до пуштање во производство од 4 години на 16 месеци

Од тековните модели на Рено, за електричниот Меган Е-Тек од 2021 година, потребни беа четири години од концепт до почеток на производство, додека за Рено 5 беа доволни три години. Следната генерација на Рено Твинго, ќе го сведе периодот на само две години. За верзијата на Твинго под знакот на Дачиа ќе бидат потребни само 16 месеци, додека моделот почне да се продава во 2027 година.

Во хангарот што се наоѓа во огромниот технички центар на Рено во Гијанкор, западно од Париз, моторизирана носечка рамка што тежи 84 тони, ја врти капсулата од 6,4 метри во секој правец. Операторите можат да тестираат дури и како гуми со различни профили влијаат врз чувството во возење.

Забрзување до 1 г може да се симулира во кој било правец, а времето на реакција е сведено на само 30 милисекунди. Се анализираат однесувањето и реакциите на возачот, за соодветно да се нагоди возната динамика.

Зданието во коешто се наоѓа „Роудс“

РОАДС е кратенка од Рено Оперејшнал Адвансд Драјвинг Симулатор. Симулаторот е развиен во соработка со француската компанија АВСимуласион. Тој е пуштен во работа во 2024 година, како суштински дел на центарот за тестирање.

Покрај Роудс, центарот вреден 26 милиони евра содржи и други модули за тестирање, меѓу кои и симулатор на светла Хелиос, каде што се тестира дали светлината се распределува целосно, и како работат светлата при невреме.

Рено проценува дека Хелиос заштедува неколку милиони евра годишно. Тој беше прв виртуелен симулатор на Рено, што почна со работа во 1998 година.

Неверојатно е што сé може да се тестира во центарот, од тоа дали коленото на возачот ја допира средишната козола, до тоа како различни материјали на арматурната табла се рефлектираат врз ветробранот при различна светлина и при различни климатски услови.

Претходна објаваСе јави купувач за банкротираната фабрика за батерии во Шведска
Следна објаваШкода продава повеќе електрични автомобили од Тесла

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here