
Тата Моторс, сопственик на производителот на луксузни автомобили Џагјуар Ланд Ровер, соопшти дека пречките што Кина ги постави за извозот на ретки метали сé уште го немаат достигнато моментот кога ќе треба да се притиска „копче за паника“ и дека електричните модели ќе бидат пуштени во продажба навреме.
Попречениот извоз на ретки метали, откако Кина го забави издавањето дозволи за извоз, предизвика голема вознемиреност во автомобилската индустрија во светски размери. Компаниите предупредија за можна криза во снабдувањето. Ретките метали се користат во магнети, коишто се клучни во најширок спектар на примена, од електромотор за бришачи до сензори за системите за спречување на блокирањето на тркалата при нагло сопирање.
„Во моментов не гледам причина за паника, затоа што веруваме дека снабдувањето ќе се одвива непречено. Не планираме да ја скусуваме продукцијата. Во моментов немаме планови во тој поглед,“ соопшти директорот за финансии Балаџи на настан во Мумбај, Индија.
Плановите за пуштање во производство на новите електрични модели на Тата остануваат непроменети, но можно е дел од нив да се преиспитаат, доколку се јави посериозно нарушување во снабдувањето со ретки метали, додава директорот.
Балаџи соопшти и дека се бараат алтернативни извори за магнети, вклучувајќи и алтернативни технологии.
Марути Сузуки, најголемиот производител на автомобили во Индија, ја скуси планираната продукција на својот електричен модел е-Витара за две третини, поради кусокот од ретки метали, објави Ројтерс во почетокот на месецов.

Шаилеш Чандра, директор на огранокот за патнички и електрични возила на Тата Моторс, кажа дека компанијата барала начини како да го смали уделот на ретки метали во своите возила, со цел во подолг рок целосно да се откаже од нивна примена.
Кина ги воведе контролите за извоз како одговор на царините во САД
Кина контролира преку 90 проценти од светскиот капацитет на изработка на магнети, коишто се користат во автомобили, во енергетски постројки и во апарати за домаќинство. Пекинг во април воведе контрола на извозот на ретки метали од земјата, со обврска компаниите претходно да достават барање за да им се одобри извозот. Тоа е противмерка на високите царини што САД ги воведоа за Кина.
Директорот за финансии на Тата Моторс, Балаџи, соопшти и дека Џагјуар Ланд Ровер ќе ги третира поскапувањата поради високите царини во САД на „калибриран начин“, но не планира да произведува возила во САД.
Производителот на Рејнџ Ровер во минатата седмица ги скуси прогнозите за добивката во фискалната година 2026, од претходните десет проценти, на 5 до 7 проценти, поради неизвесноста во автомобилската бранша во светски размери.















