Автомобилите на Донгфенг одамна ја постигнаа зрелоста да се натпреваруваат на светските пазари, единственото што недостигаше за успехот да се заокружи беа маркетинг, подобра организација на продажбата надвор од Кина и добри продажни кампањи. Тоа вроди со плод, нарачките од извозните пазари во првото тромесечје од 2025 година пораснаа за 90 проценти.
Летечки старт на годината за Донгфенг Мотор, еден од трите најголеми државни производители на автомобили во Кина и најзастапен кинески производител на македонскиот автомобилски пазар. Вокабуларот во обраќањето на производителот кон сцената уште се разликува од оној на европските производители, но тоа не менува ништо, плодовите се тука, а тоа значи: Во првите три месеци, Донгфенг Мотор постигна раст од 90 проценти во извозот на автомобили.
Само во март, над 10.000 возила се нарачани да се качат на брод и да се пуштат за извоз. Производителот првпат во еден месец добива толку нарачки за своите возила за прекуокеанските пазари. Во споредба со март лани, растот е 225 проценти.
Во соопштението што го објави Донгфенг, уште се провлекуваат некои нам чудни звучни зборови, како „талент“ или „политики“, што укажува на еден поинаков систем – што е сосем јасно дека функционира, патем – меѓутоа почнува да се наѕира и свест дека земјата постигна многу на автомобилската сцена, па така „со месечните нарачки во март, што првпат надминаа 10.000 возила, се додава уште едно импресивно достигнување на иницијативата ‘Мејд ин Чајна’“, стои во соопштението.
Растот произлегува од промените во организацијата на делувањето на Донгфенг на своите извозни пазари. Тоа главно се темели на пристапот „еден-стоп“, односно целосна поддршка на своите дилери, директно од производителот. За секое прашање и за секоја потреба, адресата е една, Донгфенг Мотор. Кина!
Видеото од тестот на Еолус Мејџ
Близу 30.000 возила испорачани за извоз во првите три месеци
Огранокот за патнички возила на Донгфенг во првите три месеци доби близу 30.000 нарачки, и тоа е историски рекорд. Најголем бројчен раст има матичната марка Донгфенг, со зголемување од 119 проценти во првото тромесечје, вклучувајќи 366 проценти раст само во март.
Воја е втората, престижна марка на Донгфенг, и бројот на возила за извоз уште е во мал обем, но и таму има раст: 205% во споредба со периодот јануари-март 2024 и 125% раст во март.

Меѓу повпечатливите настапи на марката на сцената во изминатиов период се вбројува поддршката на светските прваци во гимнастика во Европа, со намера да се создадат „шампионски возила“, како и успесите на екстремниот (и целосно електричен) теренец МХеро во пустинските трки на Средниот Исток.
















